Нино Васев се сомничи за осум дела, осомничени се и тројца доктори-онколози заедно со организацискиот директор

news
Advertisement

Пет лица се под сомнение дека сториле злоупотреби на Клиниката за онкологија. Ова го соопшти шефот на скопските обвинители, Гаврил Бубевски. Меѓу осомничените е и ексминицискиот директор на Клиниката, Нино Васев кој се гони за седум кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и за измама во службата. Осомничен е и организацискиот директор Нехат Нухи, кој се сомничи за измама во службата. Останатите лица се доктори.

Advertisement

„Наредбата е за едно лице за седум кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и едно кривично дело измама во службата, едно лице се сомничи за измама во службата, а за три лица за помагачки дејствија за измама во службата. За овие дејствија има истражна постапка, предвидени се повисоки казни. И затоа денеска се носи наредба за истражна постапка“, рече Бубевски.

Медицинскиот и организацискиот директор набавиле лекови на реверс пред склучување на договор за јавна набавка, без согласност од ФЗОМ во период кога постапките за јавна набавка се уште не биле спроведени од Министерството за здравство.

„Фактурите за вака набавените лекови биле изготвени и доставени до Клиниката по склучување на договорите за јавна набавка, без почитување на начелото на конкуренција. Набавени се лекови по склучување на договор со добавувачите без согласност од ФЗОМ. За да сите овие набавки и склучени договори предизвикаат правно дејство мора да имаат согласност од ФЗОМ, без неа, немаат правно дејство. Во периодот од 2018 до 2021 година, осомничениот медицински директор не ги фактурирал лековите од биолошката терапија кон ФЗОМ, биле преземани обврски над определениот годишен буџет, Клиниката вршела делење на набавката на ист лек и спроведувала постапка со преговарање без објавуавање на оглас во неколку наврати за краток временски период. Она што е карактеристично за оваа постапка е недостатокот за транспаретност и субјективно однесување на учесниците во постапката. Ова отвора можност за коруптивни практики. Оваа постапка за преговарање без оглас се смета за постапка која не треба да се користи освен доколку ситуацијата не дозволува спроведување на други постапки за доделување на договори за јавни набавки“, рече обвинителката Ана Гоговска-Јакимоска.

Таа кажа дека спротивно на протоколите за лекување, се препишувани лекови на пациенти каде постои недоследност во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата. Прегледани се повеќе од 500 истории, а повеќе од 25.000 електронски записи на пациенти.

„Тоа не значи дека е кратена или не е давана терапија, бидејќи во овој момент такво нешто не се докажа. Ова значи, народски кажано дека е требувана вишок терапија на име на пациентите. Раздолжувана е терапија повеќе од тоа што треба пациентите да го примат. Биле издавани (препишани) скапи лекови од новите генерации на имуно терапија на ден пред смртта на пациентот – а ова значи дека кога веќе било очигледно дека од апликацијата на таквиот лек дека нема да има бенефит поради статусот на пациентот, тие биле давани. Дали се дадени или не се дадени ние не можеме да тврдиме“, додаде обвинителката.

Тие објаснија зошто биле направени претходните претреси пред неколку месеци. Предметот го водат двајца обвинители.

„Се влегува во истражна постапка по предметот ‘Онкологија’. Според пишувањата во медиумите почнаа некакви сомненија на ниво на основи на сомненија за злоупотреби по различни начини од страна на претходните раководни лица по однос на лекувањето и злоупотреба на народните пари односно кражба на финансиски средства поврзани со буџетот. По тоа основи на сомнение даваше за право да се основа предмет за криминалистичко истражување за да се даде повеќе информации и доказен материјал. Се формираше предмет во полиција, одлучија дека треба да се влезе во Онкологија бидејќи имало сознанија дека доказен материјал може да биде предмет на контаминација и уништување. Тоа е до тогаш“, рече Бубевски.

Извор. https://skopje1.mk/archives/276636?fbclid=IwAR3fRr27UCYyYtAX61cl0x8Vzv9wughCJY0xhu3_pZIS7FRh4Yie2hU_qzU

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.