„Огнените“ од ДУИ повторно се бунтуваат: Потребно е освежување на владиниот тим

news
Advertisement

Тие сметаат дека ситуацијата за ДУИ не е добра и првпат рејтингот на албанската опозиција е поголем од нивниот. Велат дека не планираат фракција, нова партија или самостоен настап на евентуални предвремени избори. Остануваат во власта и потенцираат дека ова е внатрепартиска битка. Што се однесува до ориентацијата на Владата, даваат поддршка бидејќи, како што велат, оваа власт ја внела земјава во НАТО и се доближила до ЕУ„Огнената“ група од ДУИ повторно го крена гласот против своите сопартијци кои се дел од извршната власт бидејќи, како што велат, не се остварени изборните ветувања и бараат министрите од редовите на нивната партија да заминат од функциите.

Advertisement

Тие повторно го апострофираат незадоволството од првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи потенцирајќи дека на последната анкета на ИРИ двајцата имале најслаби резултати, а рејтингот на албанската опозиција за првпат е поголем од тој на ДУИ.

„Истакнав дека тие (Груби и Османи) се најнепосакувани кај граѓаните и тоа го кажува истражувањето на ИРИ. Во овој случај целиот владин состав потфрлува и треба да отстапат место за други, поенергични, кои знаат повеќе да се справат со предизвиците“,

рече Изет Меџити додавајќи дека што се однесува до лидерот Али Ахмети, тие немаат забелешки.
Тој по есенските внатрепартиски превирања во ДУИ, стана потпретседател на партијата, а партиски функции добија и дел од другите „бунтовници“ од огнената група. Меѓутоа, велат дека тие не барале само формални органи и формална дебата туку реална дискусија и аргументирано носење заклучоци. Бидејќи тоа не се случило, Меџити денеска заедно со Муса Џафери, Висар Ганиу, Блерим Беџети, Невзат Бејта и, како што рекоа, половина од тесното раководство на ДУИ решило да излезе јавно и да го искаже уште еднаш незадоволството.

„Ситуацијата не оди во прилог на ДУИ, не оди на штета на нас што сме тука, туку на штета на сите членови на ДУИ. Треба реално да ги погледнеме работите, изгубивме на локалните избори во Тетово, Гостивар и значајни општини. Сега ИРИ ни покажува дека албанската опозиција првпат во историјата е над рејтингот на ДУИ и не се работи за нас, туку за ДУИ и членството. Мислам дека ќе добиеме поддршка и сум оптимист дека ќе излеземе како победници сите заедно во оваа битка. Следниот чекор ќе биде да се спуштиме во базите и да комуницираме тет-а-тет со членството на ДУИ. Да ги слушаме, да ги кажеме нашите размислувања и врз основа на тоа да градиме следни чекори. Но, битката ќе ја водите внатре во ДУИ до последниот атом“,

рече Меџити.
Според нивните денешни изјави, тие не планираат фракција, нова партија или самостоен настап на евентуални предвремени избори. Остануваат во власта и потенцираат дека ова е внатрепартиска битка. Што се однесува до ориентацијата на Владата, даваат поддршка бидејќи, велат, оваа власт ја внела земјава во НАТО и ја доближила до ЕУ.

„Се што се однесува до стратешките ориентации на државата, за договорот со Бугарија, не со една, со две раце ќе гласаме. Се што ќе дојде како добар закон и иницијативи исто така ќе ги гласаме, а таму каде ќе видиме дека не се работи за интересот на граѓаните нема да гласаме“,

рече Меџити кој нагласи и дека остануваат позиција, а не опозиција.
Јавниот настап на огнената група следува и откако по смирувањето на топката по есенскиот бунт и формирањето на партиските органи, биле одржани две седници на претседателството на ДУИ на кои биле изнесени забелешките за нереализираното, но тие не биле разгледувани, а не се одржал ниту друг состанок.

Пред новинарите тие презентираа и нивна анализа во прилог на тврдењата дека не се реализираат изборните ветувања од 2020 година.

„Изборната програма на ДУИ за парламентарните избори за изборите во 2020 за периодот 2020-2022 година содржеше 170 стратешки проекти и заложби. Од 170 кои се ветени само два се реализирани потполно, а пет се делумно, додека другите се заборавени од извршната власт на ДУИ. Тоа е 95 отсто нереализирано, 2 отсто делумно и само 1 отсто реализирано. Тие два се поврзани со личните позиции во извршната власт – албански вицепремиер (Артан Груби) и албански преговарач во разговорите со ЕУ, каде е Бујар Османи“,

рече Меџити.
Во однос на капиталните инвестиции, „огнените“ имаат забелешки и дека само два отсто од нив изминативе две години биле албански. За имплементацијата на албанскиот јазик како службен, пак, велат не се ангажирани ниту симболичен број преведувачи, седниците на Владата и на владините комисии не се одржуваат на албански, а не важат ниту двојазичните документи.

Според „огнената група“, забележана е и стагнација на правичната и соодветна застапеност во текот на изминатите две години, а напредокот на Албанците во институциите е минимален. Исто така, реагираат и дека во слободните економски зони во приватни компании во градови каде живее мнозинство албанско население, над 90 отсто од вработените се етнички Македонци.

Сметаат дека Владата има начин како да ги „натера“ компаниите да вработуваат Албанци.

„Владата има механизми, ги помага, ги плаќа, субвенции им дава, и треба да е заинтересирана и во нив да ја рефлектира реалноста во Република Македонија“,

вели Меџити.
Другите нивни забелешки за нереализираното се однесуваат и на нискиот процент на гасификација, како и на децентрализација на општините.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.