ОСМАНИ ВО ВИЕНА НА СРЕДБИ СО РАКОВОДНИТЕ И ИЗВРШНИТЕ ТЕЛА НА ОБСЕ: ТЕРЕНСКИТЕ МИСИИ СЕ КРУНАТА НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА

news
Advertisement

– Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ, во рамки на последниот ден од посетата на Виена имаше средби со раководните структури на независните институции, извршните тела на Организацијата, шефовите на теренските мисии, како и серија состаноци со специјалните претставници на претседавачот на ОБСЕ.

Advertisement

Како што информира МНР, Османи остварил работна средба со генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Шмид, генералниот секретар на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Роберто Монтела, директорот на ОДИХР, Матео Мекачи, специјалниот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро и високиот комесар за национални малцинства, Каирад Абдракхманов.

-Како претседавач на ОБСЕ, ја преземам одговорноста, но многу добро знаете колку ние се потпираме на вашата важна работа, искуство и совети. Заедно, во духот на заедништвото, ние сме повикани да ја водиме нашата Организација во овие сложени и времиња на предизвици, истакнал на средбата Османи.

Претседавачот со ОБСЕ за 2023 година, Османи одржал работни средби и со шефовите на теренските мисии во Централна Азија и Југоисточна Европа, на кои се дискутирало за некои од најитните и суштински прашања за работата на ОБСЕ, со посебен фокус на перспективата на теренските мисии, кои се од приоритетно значење за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.

-Верувам дека вчера бев многу јасен во моето обраќање до Постојаниот совет, за клучната важност што претседателството на Северна Македонија го придава на теренската работа на ОБСЕ. Теренските мисии со право се дефинирани како „круната на организацијата“. Тие се потврда за тоа што е ОБСЕ, преку кои заеднички ќе докажеме дека можеме и понатаму да даваме придонес во животите на луѓето преку нашата работа. Прашањето денес е како да продолжиме со активностите во овие времиња на екстремни предизвици низ кои поминуваме, истакнал Османи на средбата со шефовите на теренските мисии на ОБСЕ.

На средбата со шефовите на теренските мисии во Централна Азија, Османи укажал на многуте предизвици за овој регион, а дека не смеат да бидат заборавени ниту последиците од состојбите во Авганистан.

–И покрај тоа што се подобрува регионалната соработка, вооружените инциденти меѓу Таџикистан и Киргистан се алармантни сигнали за кревкоста на севкупната состојба. Ова е, накусо, одговорот зошто нашиот ангажман е значаен. Ќе работиме напорно за да ја промовираме регионалната и меѓу – регионалната соработка и да ја поддржиме имплементацијата на проектите на ОБСЕ, порачал тој.

На средбата со шефовите на мисиите од Југоисточна Европа, Османи се осврнал на можноста за развој на овој регион, кој прави засилени напори за европска интеграција, потенцирајќи дека поддршката за нашата реформска агенда е видлив резултат на ОБСЕ.

-Вие овде ја претставувате најголемата мисија на ОБСЕ, а ние како претседавач имаме намера тесно да соработуваме со вас за да ја зајакнеме регионалната соработка и дополнително да ги унапредиме нашите напори насочени кон реформирање на нашите општества. Ова е и инвестиција во напредокот на нашите општества, нагласил Османи, истакнувајќи дека во фокусот на агендата како претседавач ќе бидат и борбата против корупцијата, промовирање на доброто владеење, но и климатските промени и нивното влијание врз безбедноста.

Меѓу позначајните заклучоци од средбите било и обезбедувањето на поддршка на функционална и флексибилна ОБСЕ, што ќе понуди разновидни алатки во поддршка на обновувањето на мирот и безбедноста, спречувањето на конфликти и промовирање на соработка низ регионот на ОБСЕ.

Во рамки на работната агенда, денеска министерот Османи назначил и специјални претставници за важни портфолија во доменот на ОБСЕ, односно: амбасадорот Валиант Ричи, за специјален претставник за борба против трговија со луѓе, амбасадорот Анджеј Касперчик, за специјален претставник за конфликтот поврзан со Минската конференција, амбасадорот Виорел Мошану, специјален претставник за Јужен Кавказ, како и амбасадорот Томас Мајр-Хартинг, специјален претставник за решавање на проблемот Транснистрија.

Во фокусот на дискусијата на овие средби биле различни прашања кои се дел од приоритетите на Организацијата во кризните подрачја, но и за предизвиците кои се наоѓаат пред Северна Македонија чие претседавање со ОБСЕ, посебно внимание ќе посвети на хуманата димензија и поддршка пред сè на луѓето.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.