Османи најголем потрошувач помеѓу министрите

news
Advertisement

Шефот на дипломатијата, Османи најголем трошач помеѓу министрите во 2021 година. За 11 месеци лани, премиерот, неговите заменици и министрите потрошиле речиси 200.000 евра за авионски карти, хотели, ресторани во земјава и странство, подароци за службени лица, закуп на станови, дневници…

Advertisement

Според јавно достапните податоци на „Алатката за отчетност на носителите на јавни функции“, најмногу народни пари потрошиле Бујар Османи, 38 000 евра, Зоран Заев 26 800, Фатмир Битиќи, 19 600, Никола Димитров 17 000, Насер Нуредини 14 200 евра.

Венко Филипче е единствениот министер кој не потрошил ниту денар. Меѓу најштедливите се Јагода Шахпаска, Мила Царовска, Фатмир Бесими, Благој Бочварски.

Најмногу пари министрите потрошиле за авионски карти, рестораните и бифеата во самите институции и хотели во странство.

Османи летал најмногу. За 11 месеци потрошил речиси 16 000 евра за авионски карти. Потоа следуваат Никола Димитров, Фатмир Бесими…

Османи е лидер и на листата на потрошени пари за хотели во странство. Платил 7 500 евра, а по него следуваат Нуредини, Димитров и Битиќи.

Интересно е што премиерот Зоран Заев е најголем трошач во рестараните во самите институции. Во нив, од народни пари исплатил 17 800 евра, а интересно е дека две третини од неговите трошоци се направени токму во рестораните во државните институции. По него следуваат Фатмир Битиќи и Љупчо Николовски кои потрошиле 8 500, односно 6 200 евра.

Министрите трошеле и во ресторани низ земјава. И тука Османи плаќал најмногу – речиси 5.500 евра. Груби е следен со 4 400 евра, а и покрај обвинувањата дека Маричиќ се храни строго на државна сметка, на оваа листа е на четвртото место и во 2021 година потрошил 2 650 евра.

Но, тогашниот министер за правда е прв на листата трошачи во ресторани во странство. Сепак, тука мора да се напомене дека сите министри заедно потрошиле помалку од 5 000 евра.

Од патувањата во странство министрите заработиле дополнителни дневници. Османи заработил речиси 2 200 евра, а по него следуваат Шекеринска, Димитров, Маричиќ и Нуредини на чии сметки по основ на дневници легнале помеѓу 900 и 1600 евра.

Најмногу пари за подароци за службеници од странство, ставка вредна 14 500 евра, потрошиле Заев, Османи и Спасовски.

Интересно е дека никој од министрите нема дадено ниту еден денар за карти за јавен превоз.

Владата ги објави податоците една година подоцна и тоа не се целосни. Недостасуваат податоците за трошоците кои ги направиле во декември 2021 година.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.