Пензиите од март повисоки за 2.500 денари

Life
Advertisement

Пензионерите со исплатата на мартовската пензија на 1 април треба да го добијат вториот дел од ветените 5.000 денари што владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги најави во предизборната кампања за парламентарните избори.

Advertisement

Првиот дел од 2.500 денари од линеарното зголемување, пензионерите го добија со октомвриската пензија. Од Владата велат дека парите за оваа намена се обезбедени во Буџетот и не очекуваат турбуленции во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Уверуваат дека Фондот на ПИОМ е стабилен и дека буџетска дупка во ПИОМ ќе има уште шест до седум години додека не почне поробусна исплата на пензиите од Вториот пензиски фонд.

За исплата на пензиите во Буџетот за 2025 година се предвидени 105,5 милијарди денари со кои се обезбедени средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари.

Директорот на Фондот за ПИОМ Никола Мемов на последниот брифинг со новинарите најави дека ќе се продолжи со краткорочни и среднорочни мерки за стабилизирање на буџетскиот дефицит.

Очекува приходите по основ на плаќање на придонеси да растат, а за придонесот за пензиско осигурување, рече, дека останува 18,8 проценти.

Експертите остануваат на ставот дека целосното исполнување на ветувањето за линеарно зголрмување, ќе предизвика дополнителен притисок врз буџетот и ќе генерира дополнителен трошок од околу 200 милиони евра на годишно ниво. Вакви ад хок решенија, според експертите, треба да се избегнуваат затоа што постојат системски прилагодувања на пензиите два пати годишно, но дека се оправдани во услови на зголемена инфлација.

Од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија го поздравија зголемувањето на пензиите посочувајќи дека секое зголемување е добредојдено за корисниците на пензија, но дека треба да се има предвид и фискалната стабилност на Пензискиот фонд затоа што значајно е да има доволно средства за редовна исплата на пензиите.

Стабилноста на Пензискиот фонд го наметна и прашањето за зголемување на старосната граница за пензионирање од сегашните 62 години за жени и 64 за мажи на 67 години и за мажи и за жени. Со ваков предлог излезе Фискалниот совет како независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија.

Во нивното мислење доставено како предлог кон Фискалната стратегија 2025-2029 година се предлага од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти. Според нив, ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период.

Предлогот на Фискалниот совет наиде на реакции и кај јавноста, експертите и синдикати.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *