ПЕНЗИОНИРАНИОТ ДОКТОР АБДУЛЏЕЛАЛ ЕСАТИ ОД ТЕАРЦЕ ВО КОЛАТА ИМА МИНИ АМБУЛАНТА СО КОЈА СПАСУВА ЖИВОТИ

news
Advertisement

Во приквечерината на 21 ноември во Теарце се одвивала вистинска драма, кога работник на ЕВН вршел поправка на електричната мрежа која била во дефект. Додека бил качен на бандерата каде ги вршел поправките, поради нејзината дотраеност бандерата се скршила, а работникот паднал од неколку метри височина. Освен што паднал, скршената бандера му ги потфатила нозете. Така тој немоќен останал да лежи, а луѓето кои во тој момент тука се затекнале не знаеле како да му помогнат. Викнале и Брза помош, но на возилото му требало најмалку половина час да дојде до селото, а дотогаш можеби електричарот не ќе можел да преживее. Тогаш некој се сетил и веднаш го повикал д-р Абдулџелал Есати, познат кај жителите на Теарце како д-р Џеки.

Advertisement

Д-р Есати е во пензија повеќе години, но секогаш е подготвен да им помогне на луѓето кои се нашле во неволја. Му требало само неколку минути со своето возило да дојде до местото каде паднал електричарот.

„На 21 ноември во 18.37 ми се јави една соселанец со паничен глас. Ми го лоцираше место и ми вели дека бандера паднала врз работник од ЕВН. Јас со моето од 36-годишно лекарско искуство знаев отприлика што треба да направам. Во моето возило имам цела една мини амбуланта и сé што ми е потребно за вакви интервенции. Влегов во автомобилот и стигнав до местото за многу кратко време. Таму наидов на темнина, силен ветер, дожд и многу насобрани луѓе кои беа во паника. Паднатиот електричар беше во тешка состојба, офкаше од големи болови. Паднатата бандера му ја фатила левата бутна коска, а среќна околност била што при падот не ја повредил главата, но тој беше во трауматичен шок“, кажува д-р Џеки за настанот на тој трауматичен ден.

Долгогодишното лекарско искуство, како анестезиолог во Тетовската болница и како медицинско лице кое безброј пати се среќавало и интервенирало при тешки повреди кај луѓето, му помогнало и овој пат успешно и на време да интервенира и да го спаси животот на работникот.

„Со помош на луѓето кои се најдоа тука внимателно ја подигнавме бандерата која беше преку телото на работникот и ја преместивме. При ова треба многу да се внимава, бидејќи од падот можело да дојде и до повреда на ‘рбетот и ако нестручно се поместува повредениот, оштетувањата можат да бидат многу големи, а тој да остане инвалид. Откако ја тргнавме паднатата бандера започна борбата со времето како што поитно да му се помогне на повредениот. Моето лекарско искуство ми кажуваше дека за да му помогнам треба да ја најдам вената за да му дадам инфузија. Ние ја викаме ‘животна вена’ и ако не успееме да ја најдеме тогаш ништо не сме направиле, а повредениот може да почине. Бев приморан да ја исечам униформата на повредениот и успеав да ја најдам вената. Ја превентирав болката, скршената лева нога ја имобилизирав, со инфузијата го повратив од шок состојбата и тој набрзо стана контактибилен. Јас каде и да патувам секогаш во багажникот на мојот автомобил ја носам најнеопходната опрема за давање медицинска помош. Тоа и овој пат ми помогна да го спасам животот на ова момче“, кажува д-р Џеки.

Д-р Абдулџелал Есати-Џеки спацијализирал на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград и 36 години работел како анестезиолог во Тетовската болница. Иако повеќе години е во пензија, тој и понатаму редовно се одѕива на секој повик кога треба некому да се помогне. Вели во целиот негов работен стаж ниту еднаш не зел слободен ден ниту пак бил на годишен одмор, па таа стекната работна навика и сега му помага секогаш да пружи помош кога некој ќе го повика.

„Имам статус пензионер, меѓутоа, уште немам почувствувано што значи да се биде пензионер, затоа што често пати се случува ноќе да ме повикаат некому да дадам инфузија или да му помогнам на друг начин. Никогаш никого не сум одбил, а мојот мобилен телефон никогаш не го исклучувам. Убеден сум дека доктор не може да спаси живот. Доктор може да разубави живот, во конкретниот случај, но и во многу пати претходно тоа и се случило“, додава тој.

Во потесното семејство на д-р Џеки, заедно со него има дури 6 доктори и затоа негова идеја, а и голема желба, е да направи една „клиника“ во која на чисто волонтерска основа би им се помагало на луѓето.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.