Пиперките се македонскиот кавијар: Достигнаа цена до 170 денари за килограм

news
Advertisement

Килограм пиперки достигна до 170 денари во маркетите. На зелените пазари цените се нешто пониски, но и таму се движат од 60 до 100 денари за килограм. Овие цени ги шокираа граѓаните особено што во исто време паѓаат цените на доматите.

Advertisement

Претседателот на Сојузот на земјоделците од Струмица, Ристо Велков, во изјава за „Вечер“ вели дека цените се високи бидејќи нема доволно количини, а и климатските промени си го направиле своето.

– За десетина дена ќе почне бербата на ајварката, која оваа година ќе биде поскапа од лани. Причината за високите цени се намалените површини, климатските промени и немањето работна сила. Површините со ајварка годинава се намалени за 20 отсто, поради климатските промени, родот е проретчен, а мал дел од пиперот е оштетен од дождот и градот – вели Велков.

Тој додава дека во моментов цената на свежата консумна пиперка е 60 и 70 денари за килограм, а на ајварката 100 денари за килограм.

– Се надеваме дека ќе се откупи целата количина индустриска пиперка бидејќи количините се мали – додава Велков.

Граѓаните се шокирани од цените на зелените пазари и во маркетите и велат дека со овие цени на пиперките, кои се продаваат за над 100 денари за килограм, тешко дека ќе прават ајвар годинава. Велат дека во овој период, кога има најголема понуда на домашен зеленчук, цените се како во февруари, кога се увезува.

– Ако сега, во екот на сезоната, ни продаваат по вакви цени, не се осмелувам да замислам колку ќе бидат цените во септември, кога правиме зимници. Ќе се откажеме и од традицијата на правење домашен ајвар. Ќе купиме од маркет една-две тегли, колку да пробаме – вели една скопјанка.

Високите цени на зеленчукот и на овошјето ги потврди и Статистика, која измери дека во јули цените на зеленчукот биле за 21,5 отсто повисоки во однос на ланскиот јули.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.