Почина поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти

news
Advertisement

Бенедикт Шеснаесетти, прв папа од Германија по речиси 500 години, кај некои беше омилен, за други – контроверзен. Тој почина денеска (31.12.2022) на 95-годишна возраст во неговиот дом во Ватикан, соопшти Светата столица. Тој беше големиот папа-теолог. Што и да правеше, што и да зборуваше, секогаш заштитнички на ум ги имаше традицијата и учењето на црквата низ вековите. Сепак, теолошките достигнувања не го заштитија од сè покритичкиот поглед кон него. Бидејќи во кобната историја на злоставување на Католичката црква во Германија, едно поглавје има и за Јозеф Рацингер, надбискупот од Минхен (1977-1982), кој подоцна стана папа. Извештај, детално подготвуван со години, забележува дека тој не постапил како што треба во четири случаи. Несоодветно постапување кое на одделни сторители веројатно им овозможило да продолжат да дејствуваат.

Advertisement

Тој беше прв германски папа по речиси 500 години. Папа од Германија, 60 години по Втората светска војна и националсоцијалистичкото убивање на Евреите, но и папа од земјата на Мартин Лутер, земјата на црковниот раскол. Речиси осумгодишниот понтификат на Бенедикт беше во сенка на скандали и црковни кризи. И, со својата оставка на 28 февруари 2013 година, папата Бенедикт испиша црковна историја.

„Кардиналите ме избраа. Едноставен и понизен работник во Господовото лозје“. Со овие зборови кардиналот Јозеф Рацингер зачекори на балконот на базиликата Свети Петар во Рим на 19 април 2005 година и ги освои симпатиите. По само два дена конклава, бел чад се издигна над Систинската капела – и тогаш 78-годишникот стана нов поглавар на Римокатоличката црква.

Свештеник, професор, папа

Во време на папата Бенедикт Шеснаесеттисветот беше сведок на конзервативен папа, кој повремено ги изненадуваше сите. Зашто Бенедикт можеше да ја комбинира длабоката побожност на своето потекло со послушноста на професорот. Како поглавар на црквата, тој го промовираше разговорот за разумот и верата. Тој не ја продолжи често строгата линија на кардиналот Јозеф Рацингер. Но, папата, кој се грижеше за пасторалната грижа, можеби страдал лично од општото кризно расположение во Католичката црква. На крајот на краиштата, со само осумте години на чело на црквата на Бенедикт Шеснаесетти заврши долгиот понтификат на Јован Павле Втори (1978-2005), вклучувајќи ги и потешките аспекти на тој понтификат. Во 2013 година, како папа на транзицијата, тој конечно го отвори патот за избор на свештеник и конзервативен реформатор кој беше близок до луѓето.

За Рацингер, изборот за папа е круна на животот кој започнува на 16 април 1927 година во местото Марктл ам Ин, во баварската провинција. Таткото на Јозеф бил жандарм, а неговото семејство било длабоко религиозно. На крајот на 1944 година, на 17-годишна возраст, идниот папа е регрутиран во Вермахтот. Набргу по завршувањето на војната, Јозеф, како и неговиот брат Георг, кој е три години постар од него, студира теологија и со него е ракоположен за свештеник . Единствената сестра останува немажена. На крајот на 1950-тите, Рацингер станува професор по теологија и брзо стекнува почит. Во кругот на келнскиот архиепископ кардинал Јозеф Фрингс, во 1963 година учествува на Вториот ватикански собор (1962-1965), кој има за цел да го отвори патот за обновување на учењето и животот на Католичката црква. Но, студентските протести од 1968 година го менуваат. Иако професорот од Баварија на почетокот тргнува по нови патишта на мислата, тој потоа се враќа на познатата традиција. Во 1977 година Рацингер станува надбискуп на Минхен-Фрајзинг и наскоро кардинал. Добри четири години подоцна, папата Јован Павле Втори го доведува во Рим. Како префект на Конгрегацијата за доктрина на верата, тој е врховен чувар на верата на својата црква. Рацингер се залага за строго конзервативен курс во врска со образовните и реформските прашања, како и прашањата за улогата на жената или екумената. Некои го нарекуваат „панцер кардинал“ (панцер – во превод оклоп, тенк).

„Ние сме папа“

Изборот на Бенедикт за папа во 2005 година предизвика радост и гордост кај германските католици. „Ние сме папа“ беше насловот на тогаш најголемиот таблоид. Но, имаше и резерви и стравови. Се велеше дека 265-от папа во историјата на црквата е премногу стар со своите 78 години и се сметаше дека ќе биде неспособен за реформи поради својот конзервативен карактер.

Во црковно-политичка смисла, осумгодишниот мандат на Бенедикт остана фаза на транзиција. Но, Бенедикт Шеснаесетти исто така и истапуваше од улогата на преоден папа. Тој постави свои акценти. И назначи повеќе од половина од оние кардинали кои го избраа неговиот наследник Франциско во март 2013 година.

Бенедикт ја истакнуваше раководната улога на неговата католичка црква и нејзиното тврдење дека е единствената вистинска црква. Протестантите негодуваа и не сакаа да бидат етикетирани како црква од пониска класа. Не беа направени важни чекори кон екуменското зближување.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.