Првите дами, Ѓоргиевска и Зеленска: Северна Македонија ќе продолжи да ја поддржува и да ѝ помага на Украина

news
Advertisement

Првата дама на Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, во петокот водеше видео разговор со Првата дама на Украина, Олена Зеленска, објави Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски

Ѓоргиевска ја реафирмираше поддршката од Северна Македонија и потенцираше дека државата ќе направи сè што е во нејзина моќ со цел помош на Украина во различни области, почнувајќи од прифаќањето бегалци, хуманитарна помош, како што веќе се реализира со Црвениот крст, како и помош во воена опрема.

Advertisement

„Ќе направиме сè што е во наша моќ. Образованието е еден од најважните сегменти и ќе продолжиме да обезбедуваме соодветна интеграција на украинските деца бегалци во образовниот систем“, посочи Ѓоргиевска. Во таа насока, Првата дама потенцираше дека Северна Македонија е подготвена за обезбедување на соодветна здравствена и социјална помош за ранливите категории на бегалци, за лицата со попреченост, како и за студентите и новинарите. Во тој контекст, земјава веќе има обезбедено 15 места за прифаќање на деца со онколошки проблеми од Украина, додаде Ѓоргиевска во разговорот со Зеленска.

Ѓоргиевска изрази надеж дека кризата во Украина ќе биде надмината час поскоро, и украинските бегалци безбедно ќе се вратат во своите домови, дека државата ќе може да се посвети на својот повторен развој и обнова, и ќе продолжиме со унапредување на нашите меѓусебни односи и соработка.

Ѓоргиевска и Зеленска разменија информации за продолжување на натамошната соработка во однос на реализација на хуманитарни и социјални проекти, со цел надминување на кризата во Украина, како и за можноста за печатење на книги и учебници за децата бегалци, и помош во обезбедување на амбулантни возила.

Првата дама на Украина, во разговорот се заблагодари на Првата дама на Северна Македонија за севкупната досегашна поддршка од Северна Македонија, од политички, воен и хуманитарен аспект и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.

Зеленска упати благодарност за учеството на Ѓоргиевска на Вториот самит на првите дами и господа, што се одржа минатиот месец на тема „Украина и светот: Иднината која (повторно) ја градиме заеднички“, и кој беше посветен на повоена обнова на Украина и обновување на човековиот потенцијал.

На Вториот самит првите дами и господа, иницијатива на Зеленска, учествуваа 23 први дами од светот и педесетина влијателни личности, лидери на држави и претставници на меѓународни организации, а беа донирани средства за повоена обнова на Украина, помош на украинскиот народ и обнова на човеовиот потенцијал./civilmedia.mk/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.