Протест на битолските пензионери пред зградата на Фондот за ПИОМ

news
Advertisement

Со протест пред зградата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, и блокада на улица во центарот на градот, пензионерите од Битола уште еднаш побараа линеарно покачување на пензиите од 5000 денари и минималната пензија да изнесува 20.000 денари.

Advertisement

По одржаните говори на плоштадот „Магнолија“ се упатија пред зградата каде што се наоѓа Фондот за ПИОМ.

Со транспарент на кој пишуваше дека бараат достоинствен живот, битолските пензионери уште еднаш ги истакнаа барањата за повисоки минимални пензии и линеарно зголемување на износите.

Велат дека протестите ги организираат бидејќи со ниските пензии мака мачат да се прехранат.

-Наместо три илјади денари, сега бараме да ни се дадат пет илјади денари, и минималната пензија да изнесува 20 илјади денари. Ги повикуваме сите пензионери да излезат на протести, бидејќи за нив се овие протести да им се дадат пензии за подостоинствен живот. Без разлика на која политичка партија припаѓаат да излезат и да ги поддржат протестите-рече на протестот Пеце Гаштаров член на Иницијативниот одбор.

Гафур Имеровски, примател на минимална пензија со солзи во очите рече дека со 12 илјади денари пензија едвај преживува и врзува крај со крај.

-Земам 12 илјади денари пензија и со тие пари што да направам? Дали да платам струја, вода и други сметки. Буквално леб немам да јадам. Јас работев повеќе од 37 години, за сега да ја земам оваа мизерна пензија. Дали оваа држава мисли барем малку за овој народ? Со овие пет илјади денари што бараме да ни се покачат колку толку ќе ни се помогне за да купиме основни намирници – рече на протестот Гафуж Имеровски, примател на минимална пензија.

На денешниот протест, битолските пензионери истакнаа дека ќе учествуваат на големиот протестен собир во Скопје за да го изразат револтот од како што рекоа игнорантскиот однос на власта кон нивните барања за минимална пензија од 20.000 денари и линеарно покачување од 5.000 денари.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.