Салт Бае се пофали со сметка од илјадници фунти за вечера во еден од неговите ресторани

news
Advertisement

Славниот турски готвач Салт Бае, чие вистинско име е Нусрет Гекче, навлече гнев на социјалните мрежи откако се пофали со сметка за вечера во неговиот луксузен ресторан Nusr-Et во Абу Даби.

Advertisement

На Инстаграм-профилот каде има 49 милиони следачи, турскиот готвач сподели скриншот од сметката и напиша: „Квалитет никогаш не е скап“.

Вкупната цена на раскошната вечера за 14 гости изнесува 615.065 дирхами, или 140.584 фунти, пренесуваат британски медиуми. Кога оваа сума ќе ја поделите со 14 луѓе, кои седеле на зaeдничка масa, сумата е околу 10.000 фунти по лице.

Салт Бае наплатил 9.000 дирхами (2.059 фунти) за два истанбулски бифтеци покриени со златни листови, 5.500 (1.255 фунти) за два златни татарски бифтеци, 4.500 (1.027 фунти) за две истанбулски шницли и уште 3905 дирхами (891 фунти) за 11 стекови од говедско филе.

Гостите потрошиле 273 фунти на пет порции говедско карпачо, предјадење од тенко исечено сурово месо и 73 фунти за четири цветни кромидчиња.

На сметката се гледа дека неколку нарачки предизвикале конечната цена да скокне вртоглаво, како на пример петте шишиња вино Pétrus што сочинуваат половина од вкупната сума (над 74. 000 фунти).

Турскиот угостител-милионер, познат по златните бифтеци и препознатливата поза со посипување сол, налути многумина од фановите со својата објава на „Инстаграм“.

Фановите беа вчудоневидени кога открија колку чини една групна вечера. Некои коментираа дека ова е лудост, дека со овие пари може да се нахрани цело село во кое луѓето умираат од глад.

Турскиот готвач (39) – кој стекна милиони фанови во 2017 година со виралното видео на кое се гледа како ја крева раката како кобра што се спрема да нападне и како посолува огромно парче говедско месо – денес е сопственик на десетици луксузни ресторани ширум светот (САД, Британија, Грција, Турција, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија).

Империјата на кралот на бифтекот, како што го нарекуваат, се протега од Лондон, Истанбул, Мајами, Њујорк, Доха, Абу Даби до Дубаи.

Тој поседува синџир од 22 ресторани Nusr-Et, каде што можете да нарачате томахавка-бифтек обвиткан со 24 каратно злато за околу 1.160 долари.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.