Сарај му се врати на Скопје

news
Advertisement

Некогашното излетничко место СРЦ „Сарај“ повторно е полно со посетители, особено за викендите. Пред 40-ина години, таму вриеше од народ поради големите парковски површини и големиот број спортско-рекреативни и забавни содржини што ги имаше. Зеленилото во паркот сега се одржува, но рекреативните содржини и објекти се заборавени и оставени на забот на времето.
– Скопје го доби Сарај назад, прекрасно зелено катче со стари дрвја покрај Треска и Вардар, но сега дотерано и чисто. Доста е направено благодарение на Светска банка, ЕУ и на локалната самоуправа, но треба да се ревитализираат игралиштата, базенот, местата каде што ќе може да се седне на кафе, иако има многу видиковци и детски игралишта. Бидејќи видов многу места за фрлање отпад, жално е сметот да се фрла наоколу – вели Марија Т., која викендов прошетала низ Сарај.

Паркот е под надлежност на Град Скопје, а го одржува ЈП „Паркови и зеленило“. Од она што може да се види, зеленилото редовно се коси, се чисти ѓубрето, а изминативе години, поставени се летниковци, дрвени клупи и маси, корпи за отпадоци, железните клупи се бојосани и поправени и е поставено ново осветлување. Изграден е и парк за миленици, а насадени се и нови садници сè со цел да биде привлечен за посетителите.
СРЦ „Сарај“ е со површина од 240 илјади квадратни метри и освен по парковите, во минатото беше познат и по големиот олимписки базен со скокалница, а имаше и спортски терени за фудбал, кошарка, ракомет и за одбојка. Базенот е целосно распаднат, а спортските терени – запуштени.
Овој локалитет претставува едно од најстарите излетнички места во Скопје. Изграден е во 1948 година, кога бил предвиден и со урбанистичкиот план како регион Сарај – Матка, исполнет со базени, фудбалски игралишта, трибини и со патеки. Подоцна, регионот Сарај – Матка прераснал во центар за спорт и рекреација со терени за спорт покрај реката Вардар и езерото Треска.
– Во 1955 година, урбанистичкиот план бил ревидиран и биле изградени базенот, фудбалските игралишта и другите објекти за рекреација. Во 1964 година бил направен нов урбанистички план, со кој биле испланирани јавното зеленило и спортско-рекреативните реони. Додека во 1971 година, од страна на „Паркови и зеленило“ бил направен проект за СРЦ „Сарај“, со кој се дефинирани градското и вонградското зеленило со паркови, плоштади и со други зелени површини по бодовите на Скопје – вонградско зеленило, како и зеленило за активна и за пасивна рекреација. Биле планирани три големи парковски површини и пет рекреативни подрачја, во кои се предвидени центри со плажи, хотели, ресторани и детски домови: Сарај – Матка, Водно, Скопска Црна Гора, Катланово – Зелениково, Китка – Караџица – потенцираат од МАРХ – Македонска архитектура.

?

Имало и тенденција езерото Треска и реонот Сарај – Матка да се поврзат со Водно и да претставуваат целина. Ова би се постигнало преку изградба на помали објекти, но, за жал, планираните активности останале нереализирани.
– Денес, како зеленило со оптимален интензитет на одржување, СРЦ „Сарај“ е дел од вонградското зеленило со негово редовно одржување, поставеноста на вегетацијата е во слободен пејзаж, со парковски карактер, како и природен вегетациски состав. Од големо значење е улогата на просторот што има парковски содржини (видиковци, тревници, детски игралишта, спортски терени и парковски елементи), кои нудат можност за одмор и рекреација за граѓаните на Скопје и на околните населени места – велат од МАРХ.
Според нив, еден од првите чекори кон враќање во функција на еден ваков спортско-рекреативен центар кој има идеална позиција на устието меѓу реките Вардар и Треска, треба да биде ремедијација. Поврзување на овој реон преку инфраструктурата, достапноста, со оглед на тоа дека се наоѓа во непосредна близина на градот, како и инфраструктурниот развој на самата локација.
– Огромен е потенцијалот на комплексот, кој би можел да вклучи најразлични содржини како: игралишта, базени, паркови, бифеа, киосци, шеталишта итн. Останува да се реши дилемата кој е надлежен за овој некогашен спортско-рекреативен центар и локалитет кој претставува едно од најстарите излетнички места. Потребно е поголемо внимание кон ваквите „зелени“ потенцијали, кои би го правеле градот хуман и одржлив со своето функционирање – истакнуваат од МАРХ.

Advertisement
Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.