ПЕТ ГОДИНИ ОД РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА
Поранешниот премиер Зоран Заев на Фејсбук денеска објави дека 30 септември 2018 година е важен ден во современиот развој на Северна Македонија. Вели дека тоа е денот кога македонските граѓани од сите етникуми во огромен број излегоа да дадат поддршка на историскиот Договор од Преспа, со цел земјата да ни стане членка на НАТО и ЕУ и со цел да создадеме трајно пријателство со нашиот сосед Грција.
„610.000 граѓани гласаа ЗА на референдумот и ја поддржаа каузата „Излези ЗА европска Македонија” што е најголемата поддршка дадена при непосредно гласање после независноста. Бројот на гласови ЗА е поголем од бројот на гласови на сите победници на сите избори во историјата на државата. Иако опозицијата го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излеговме масовно, гласавме и потоа заедно со нашите сојузници успеавме да ја внесеме земјата во НАТО, а денес веќе сме во почетната фаза од преговорите со ЕУ. Во меѓувреме, односите со Грција доживеа историски пресврт и денес на наша страна имаме уште еден сосед, силен сојузник од редовите на ЕУ и НАТО. Пет години после референдумот за нашиот историски исчекор напред, исправени сме пред нови комплексни предизвици. Нашата влада успеа да најде компромисно решение со Бугарија претставено во европскиот предлог и во нашата преговарачка рамка, а дел од тоа решение содржи и наши обврски за кои е неопходен натпартиски мнозински договор“, пишува Заев.
Извор: https://faktor.mk/faktor-na-denot-se-navrshija-pet-godini-od-referendumot-za-prespanskiot-dogovor-zaev-povika-na-odgovornost