Македонската актерска сцена во последниве години добива нов сјај благодарение на младата генерација на талентирани актерки кои не само што освојуваат на „штиците што живот значат“, туку се и сериозни имиња на меѓународната филмска сцена. Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска се дел од овој моќен подмладок, кој со секоја нова улога ја зацврстуваат својата позиција како идни носители на македонската драмска уметност.
Сара Климоска – стружанка со европско признание
Драмскиот театар е нејзината матична куќа, Сара Климоска уште одамна ја потврди својата актерска зрелост и длабочина. Нејзините улоги во филмовите „Врба“ (2019), „Кајмак“ (2022), „Домаќинство за почетници“ (2023), „Лена и Владимир“ (2023) и „Збогум, Копакабано“ (2026) ѝ донесоа значајни признанија, но најголемото до сега е изборот за European Shooting Star на Берлинале 2021 – престижно признание за најперспективни млади европски актерски таленти. Сара впечатливо балансира меѓу театарот и филмот, покажувајќи зрел актерски израз и автентичност.
Тамара Ристоска – од ТВ ѕвезда до европска филмска надеж
Тамара Ристоска стана препознатливо лице преку улогата на Јана во популарната ТВ-серија „Семејството Марковски“, а ја видовме и во серијата за млади „Тин камп“. Со филмските улоги во „Мими“, „Проблемот на Тина“, „Обичната Ели“, „Return to Silent Hill“ и „Verified Target“, Ристоска покажува исклучителен спектар на актерска изведба.
Особено е значајно нејзиното учество на Berlinale Talents 2025, каде беше единствената претставничка од регионот избрана меѓу 3.836 пријавени актери од 123 земји. Тамара работи и на нови проекти, меѓу кои се филмот „Лубарда“, „Рака на правдата“ и режисерското деби на Сара Климоска – „Нова енергија“ кој имаше премиера на овогодинашното издание на Меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“.
Наталија Теодосиева – актерка, кореографка, талент со повеќе лица
Наталија Теодосиева импресионираше во главната улога на Родна во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски, за која освои бројни награди и признанија од светски филмски фестивали. Нејзиниот актерски пробив го направи преку филмот „Мими“.
Таа досега била дел од ансамблот на Театар Комедија, а сега е член на Македонскиот народен театар. Наталија не е само актерка – таа е и кореографка, што ја прави уникатна на домашната сцена. Исто така, е дел од престижни програми како Berlinale Talents, Sarajevo Talents и Ponta Lopud, каде се изградуваат идните европски филмски професионалци.
Талент, посветеност и визија
Сара, Тамара и Наталија се трите имиња кои се синоним за нова енергија, професионализам и автентична актерска интерпретација. Тие не се само надежта на македонската уметност – тие се нејзината сегашност.
Преку признанија на најпрестижните европски фестивали, впечатливи улоги и постојана креативна еволуција, овие три актерки веќе го градат патот кон една поинаква, модерна и отворена македонска културна сцена.
РЖМ – Г.Д.Г
Фото: Инстаграм / Ерина Богоева/ Соња Ставрова