Со непроменета лична карта на која пишува „Република Македонија“, а не „Република Северна Македонија“ по 12 февруари годинава нема да може да се патува во Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Надвор од границите нема да може да излезат ниту граѓаните кои не направија промена на своите патни исправи за на нив да стои „Република Северна Македонија“.
Казни нема да има ако не сте ги промениле документите, но нема да може да се излегува надвор од државава.
По 12 февруари годинава не важат пасошите на кои стои „Република Македонија“, а не „Република Северна Македонија“ иако се со неизминат рок, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи.
На територија на државава ќе важат возачките дозволи на кои нема „Северна“, а кои се со важечки датум. Граѓаните со лична карта на која не пишува „Северна“, а има валиден датум ќе можат да ги завршат сите административни и шалтерски обврски во државава, што значи дека и пензионерите ќе може да извадат панзија во банките.