Судот го ослободи битолчанецот што го застрела зетот кој му влезе во домот со мачета

news
Advertisement

„Пресудата ја донесе Основниот суд во Битола, конечно по осум месеци ослободителна за мојот татко. Ова за нас е нов живот поминат низ пекол“, рекол за СДК.мк Јове Ѓорѓиевски, син на шеесет и двегодишниот Тони Ѓорѓиевски-Фердо, кого Основниот суд во Битола го ослободи од вина за убиството на зетот
Битолскиот Основен суд го ослободил од вина, односно донел ослободителна пресуда за шеесет и двегодишниот битолчанец Тони Ѓорѓиевски-Фердо, кој беше обвинет за убиство на зетот од ќерка, четириесет и четиригодишниот Стојанче Соколов. Тој кон крајот на февруари годинава вооружен со долг нож – мачета влезе во домот на Ѓорѓиевски, по што со два куршуми беше застрелан од таткото на сопругата.

Advertisement

Пресудата за СДК.мк ја потврдил синот на Тони Ѓорѓиевски-Фердо, Јове Ѓорѓиевски.

„Пресудата ја донесе Основниот суд во Битола, конечно по осум месеци ослободителна за мојот татко. Ова за нас е нов живот поминат низ пекол“,

рекол Јове Ѓорѓиевски за порталот.
Основното јавно обвинителство Битола го гонеше шеесет и двегодишниот битолчанец за кривично дело – убиство од член 123 став, односно дека со умисла го лишил од живот зетот од ќерка.

„Осомничениот, на 21 февруари, со умисла го лишил од живот неговиот зет за ќерка. Според првичните сознанија, сега починатиот, вооружен со долг нож, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол ‘бајкал’ што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели, па оштетениот веднаш паднал и починал на самото место“,

соопштија тогаш од Обвинителството.
Обвинетиот Тони Ѓоргиевски-Фердо беше притворен, а два дена по настанот група битолчани излегоа на мирен протест пред Основниот Суд во Битола и бараа тој да биде пуштен од притвор и да му дозволат да се брани од слобода.

Како што раскажуваше тогаш синот Јове Ѓорѓиевски, пред да се случи убиството, починатиот Соколов ѝ се заканувал на неговата сестра, која заедно со двете деца утрото побегнала кај својот татко.

„Никој не сакаше тој да умре, но немаше друго решение освен да пука“,

рече тогаш Јове Ѓорѓиевски.
На протестите тој и семејството се пожалија дека 20 години ја трпеле тортурата од зетот, кој ги малтретирал сопругата, децата и другите членови на семејството.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.