Тепачката не е изолиран случај во М-НАВ – скандали се криеле под тепих!

news
Advertisement

РАКОВОДИТЕЛИ НА НАВИГАЦИЈА СЕ ВРЗУВААТ И ЗА ДРУГИ ИНЦИДЕНТИ

Advertisement

Надзониот одбор на АД Македонска навигација (М-НАВ) денеска заседаваше по препораката на Владата за разрешување на претседателот на Управниот одбор Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ.

Од М-НАВ објаснија дека по именувањето на новите директори, се потпишува записникот од седницата и потребната докумантација се доставува до Централен регистар, од каде се добива решение за Заокружувањето на сите процедури што се очекува да се случи наредната недела.

За Асани и Кораќ деновиве се објави во медиумите дека имаат долгогодишно работно искуство во М-НАВ. Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски очекува соработка со новите директори затоа што станува збор за долгогодишни оперативци.

Разрешување на Хамиди беше побарано по инцидентот што се случи на 4 јануари кога осуммина предводени од Беким Незири, исто така вработен во М-НАВ физички се пресметаа со еден контролор на летање внатре во објектот.

По скандалот во јавноста се изнесуваат и други скандалозни настани кои се случувале во М-НАВ. Сотир Костов, поранешниот заменик директор во М-НАВ, во време на директорувањето на Живко Поповски со оваа институција, се навраќа на настан од пред 10 години на инцидент на македонското небо од 2013 година, кога два авиона за малку ќе се судреле, а тоа не се случило благодарение на присебноста на двајца контролори и на двајцата пилоти на воздухопловите.

Тогаш, Хамиди и Незири биле главните актери. Костов се присетува дека разрешениот Хамиди во тој момент бил раководител на SQS и успеал да ги убеди тогашните директори да не го пријават инцидентот. Сепак, за случката дознале во тогашната влада и дошло до судир.

– Тогаш министер за економија беше Беким (Незири) и Бујар Османи и тие си ги одбранија, а им помогна и еден друг министер, за надворешни работи (Никола Поповски). И сега пазете кога ќе имаш татко директор на министер (Живко Поповски), кога ќе имаш зет директор на министерка, а зборам за директори во М-НАВ, еве до што доаѓа – посочува Костов.

Костов вели дека за случајот има Извештај кој потврдува дека се работи за истите актери, кои ни се случуваат после точно 10 години.

За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Од нив, веднаш беа приведени четворица, а на 12 јануари уште еден од другите четворица по кои се трага. На приведените им е определена мерка куќен притвор.

Во тој инцидент беше посочено дека обезбедувањето на објектот на М-НАВ им ја отворило вратата на лицата кои упаднаа. Според информации на РСЕ, интервентна полиција и полицаец во цивилка се дел од обезбедувањето на М-НАВ.

Потпис на склучениот договор со приватна фирма за обезбедување од Кичево, а која била единствениот понудувач на тендерот, го ставиле разрешените Хамиди, Стаменковски и актуелниот Хасим Деари, покажуваат податоците на Бирото за јавни набавки. Нејасно е зошто приватна фирма е избрана да обезбедува објект кој спаѓа во критична инфраструктура.

М-НАВ го следи уште една афера, а тоа е вработувањата на лица блиски роднини до министри и други политичари. Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ објави дека министерот Бујар Османи вработил сестра; Артан Груби – снаа; Ејуп Алими, екс пратеник од ДУИ – две снаи и син; Беким Незири, притворен како предводник на групата тепачи во М-НАВ вработил внук; Љупчо Николовски во М-НАВ има чичко, братучед и внук.

Османи пак, вели дека немам никаква улога во вработувањето на сестра му, бидејќи, како што изјави, таа таму работи веќе 15 години, што е многу повеќе отколку што е тој министер.

– Работи од пред 15 години. За критериумите ќе ги прашате во М-НАВ. Јас немам никаква улога во тоа. Тоа е 12 години пред јас за станам министер за надворешни работи. И оваа тема е искористена секои избори во последните 15 години и веќе 15 години јас истото образложение го давам. Очигледно изборите го прават тоа така што ќе играме по тие ноти – рече Османи.

Како се вработувало во М-НАВ сега проверува трудовата инспекција, а нејзиниот извештај е најавен за десетина дена.

ИЗВОР. https://www.vecer.press/%d1%82%d0%b5%d0%bf%d0%b0%d1%87%d0%ba%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%bd%d0%b5-%d0%b5-%d0%b8%d0%b7%d0%be%d0%bb%d0%b8%d1%80%d0%b0%d0%bd-%d1%81%d0%bb%d1%83%d1%87%d0%b0%d1%98-%d0%b2%d0%be-%d0%bc-%d0%bd%d0%b0%d0%b2/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.