Тунтев: Безбедноста на воздушниот сообраќај не е загрозена, направен е вонреден инспекциски надзор и ќе бидат преземени неопходните мерки

news
Advertisement

Во Контролата на летање, истакнува Тунтев, работат искусни и стручни професионалци, кои многу добро си ги знаат своите обврски и должности за одржување безбедно небо.

Advertisement

Не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан, инцидент или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, изјави за МИА директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), Томислав Тунтев, по вчерашниот инцидент во М-НАВ при што непознати лица упаднале во институцијата и нападнале вработени.

Во Контролата на летање, истакнува Тунтев, работат искусни и стручни професионалци, кои многу добро си ги знаат своите обврски и должности за одржување безбедно небо.

„Во врска со вчерашните случувања, инспекторите од АЦВ, во рамки на своите овластувања, извршија вонреден инспекциски надзор и од областа на безбедноста и од областа на обезбедувањето на воздушниот сообраќај. Целта на ваквиот надзор е да се дојде до неопходни сознанија за евентуални недостатоци во системите за безбедност и обезбедување, кои би можеле да имаат евентуални последици врз сообраќајот и таквите последици да се отстранат“, вели Тунтев и најавува дека по завршување на надзорот ќе бидат преземени сите неопходни корективни мерки и утврдена евентуална конкретна одговорност.

Инцидентот во кој вчера непознати лица упаднале во М-НАВ и нападнале вработени во контролата на летање, директорот на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, денеска на прес-конференција го опиша како кошкање и личен конфликт меѓу двајца вработени.

Хамиди не даде одговор на прашањето дали во моментот кога се случил нападот била загрозена безбедноста на оние кои биле во летала над македонското небо, а чии летови биле контролирани од вработените кои вчера беа нападнати во институцијата. Рече дека не сака да коментира во интерес на истрагата и работата ја препушти на надлежните институции.

Хамиди го обвини синдикалниот претседател Александар Тасевски дека ја напаѓа и ја доведува во прашање репутацијата на Македонската навигација поради негови лични идеи и лажни клевети оти нешто во институцијата не чини. Тој истакна дека Тасевски, кој обвинува за партиски вработувања на некадарни лица во М-НАВ, е самиот по себе случај на непотизам оти во Навигацијата бил вработен во времето кога таму работел и неговиот татко.

Струковиот синдикат на контролори на летање доцна синоќа одржа вонреден состанок на кој, како што информира неговиот лидер Тасевски утрово, биле донесени четири одлуки и барања. Една од нив е и дека Синдикатот в среда ќе стапи во штрајк доколку Владата не ги разреши директорите на М-НАВ, за кои сметаат дека се виновни што институцијата е доведена во ваква состојба.

„Доколку директорите сепак не покажат доблест сами да си поднесат оставки од функциите, ја повикуваме Владата на првата наредна седница закажана за 09.01.2024 година да ги разреши сите директори и да отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес, како почеток на смирување на сите тензии, но и овозможување на нормализација на сите процеси кои се неопходни за понатамошно нормално функционирање на македонската навигација. Во спротивно, ССКЛ најавува штрајк со затворање на воздушниот простор започнувајќи од 10.01.2024 сè до исполнување на сите наши барања“, напиша Тасевски на Фејсбук по состанокот.

Од Владата претходно синоќа најавија дека на наредната седница ќе биде предложена и донесена одлука за разрешување на целото раководство, како и на сите членови на Управниот одбор на М-НАВ.

„Воедно, претседателот на Владата ќе го повика Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ“, се наведува во владиното соопштение испратено вчера доцна вечерта.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.