Уставните измени никако не смее да бидат „авантура во непознато“!

news
Advertisement

ДО КРАЈОТ НА ЈУЛИ ЗАПОЧНУВА ПРОЦЕДУРАТА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ?
Иницијативата за уставни измени влегува во крајно неизвесна политичка фаза во текот на месецов, пред почетокот на летните одмори на пратениците во август. Дали тоа ќе има уставен блицкриг, уставно харакири или уставна национална победа? Дали можеби нешто од ова ќе се случи пред одморите или постапката ќе се развлече до есен, односно до ноември, кога завршува скринингот со ЕУ, како своевиден краен рок за уставните измени, во моментов е неизвесно. Но она што е повеќе од јасно е дека Македонија влегува во неизвесната, за пошироката јавност нејасна, маглива, па дури и опскурна авантура наречена – уставни измени.

Advertisement

Чекорење во непозната насока

Премиерот Димитар Ковачевски вчера од Вилнус, каде што учествуваше на самитот на НАТО, пред целокупната меѓународна заедница порача дека предлогот за уставните измени е доставен до Владата и откако таа ќе го разгледа на некоја од наредните седници, но не подоцна од крајот на овој месец, ќе го достави до Собранието.
Но токму по прашањето на уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот изминатите месеци имаше жолчна полемика и големи несогласување меѓу политичарите и стручната јавност. Многу прашања и сега остануваат отворени и нејасни, како на пример, кои се точно предлог-уставните измени, која е содржината на предложените амандмани, кој сѐ може да се приклучи на процедурата, каде да се доставуваат предлозите, како ќе тече понатаму процедурата, може ли да се дополнуваат и изменуваат предлозите низ собраниската расправа, колку гласови се потребни во Собранието за да почне процедурата итн.
И додека сѐ уште се чека некаков официјален институционален распоред или агенда за предвидените уставни измени, нашиот весник во консултација со експерти од различни области се обиде да даде конкретни и прецизни одговори на сите овие отворени прашања и дилеми. Како своевиден медиумски водич низ лавиринтот што нѐ очекува.

ШТО ПРЕДЛОЖИ РАБОТНАТА ГРУПА ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Работната група за уставни измени, во која немаше претставник на опозицијата, неодамна го заврши својот дел од работата, по што нејзиниот предлог околу уставните измени беше испратен до Министерството за правда, а оттаму и до Владата. За тоа какви промени се предлагаат појаснување дава претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска.
– Промените се во делот на преамбулата, со тоа што се додаваат неколку народи. По бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ. Втората измена е во делот за дијаспората и во амандманот 34, кој е заменет со членот 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот на Република Северна Македонија, со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, по бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ.
Има измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавува поголем број на народи што можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитет на заедници – вели Николовска.
Таа смета дека уставотворецот од самиот почеток при формулирањето на преамбулата оставил отворена врата со зборот „и други“ и тука сега може да се вметнат и другите народи за кои имаме барања да ги внесеме во Уставот.

КОЈ Е СТАВОТ НА ЕКСПЕРТИТЕ И АНАЛИТИЧАРИТЕ

Сепак, според правните експерти и познавачите на уставните прашања, многу е важно да се направи дистинкција во дефинирањето на мнозинскиот државотворен народ, како што е македонскиот народ, во однос на малцинските етнички заедници. Во сегашниот предлог на работната група секаде се споменуваат делови од народи, што го става во подредена улога македонскиот народ, како единствен и носечки државотворен супстрат во својата матична држава. Излегува дека Македонија е држава на сите други народи посочени во предлогот, но не и на македонскиот народ. Тоа мора да се коригира и во преамбулата да се нагласи носечката и државотворна улога на македонскиот народ.
– Никаде во европски и во светски рамки не постои изедначување на малцинството со мнозинскиот народ, како што сега некој предлага кај нас, туку, напротив, јасно е изразена дистинкцијата во однос на тоа кој е носител на државноста, сувереноста и унитарноста на државата.
Во Македонија тоа е само македонскиот народ, а сите други се малцинства или припадници на малцинските етнички заедници – категорични се правните експерти.
И резултатите од последните истражувања и анкети на јавното мислење покажуваат дека мнозинството македонски граѓани се против внесување на Бугарите во Уставот на ваков начин. Дури и одредени бугарски интелектуалци и историчари сметаат дека целата оваа хистерија околу внесување на Бугарите во Уставот е изнасилена и бесмислена.
Така, бугарскиот историчар Димитар Атанасов излезе со став дека впишувањето на Бугарите во Уставот на Македонија е апсолутно бесмислено.
– И со и без тоа Бугарија треба да дозволи преговори на Северна Македонија со Европската Унија – вели Атанасов. Инаку, според резултатите од последниот попис во 2022 година, во Македонија има 0,19 отсто Бугари (3.504 попишани лица). Оттаму крајно нелогично е овие 0,19 отсто Бугари да се третираат како народ.

МАКЕДОНСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ НЕ ЈА ЗНААТ СОДРЖИНАТА НА АМАНДМАНИТЕ, ДАЛИ СОФИЈА ЈА ЗНАЕ?!

Во однос на прашањето која е точно содржината на предвидените амандмани за промена на Уставот, какви сѐ евентуални корекции може тие да претрпат (додека се во Владата и во Министерството за правда), засега без конкретен одговор се и народните избраници. Конфузијата уште повеќе ја зголемуваат и одредени медиумски информации, кои се појавија изминатиот период, дека практично уставните амандмани се на проверка, корекција и одобрување во Софија. Затоа толку и се чекало досега?! Да не заборавиме дека токму официјална Софија уште пред почетокот на работата на работната група за уставни измени бараше да има директно свој претставник во тоа тело.
– Овој процес се одолжува од минатата година кога го донесоа францускиот предлог. Владата тогаш најавуваше дека има 80 пратеници и дека брзо ќе влезат уставните измени во собраниска процедура. Потоа се кажа дека ќе се продолжи во декември, па дека ќе одат во февруари, па мај, дојдовме до јули и пак се спомнуваат термини – вели пратеникот Никола Мицевски, кој е координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, во моментов ниту пратениците од власта не знаат што содржат точно предлозите за уставни измени. Инаку, од неодамна Извршниот комитет на најголемата опозициска партија реши да ги прекине сите официјални билатерални средби со власта и порача дека единствено може да се разговара за избори.
Од опозициската Левица, пак, излегоа со тезата дека ВМРО ДПМНЕ и СДСМ веќе се договориле за уставните измени, само сега копјата се кршат дали тоа ќе се случи пред или по изборите, или за време на некаква техничка влада.

КОИ СЕ ПРЕДВИДЕНИТЕ РОКОВИ И КАКВА Е ПРОЦЕДУРАТА

Според правните експерти, заедно со усвојувањето на уставните амандмани во Собранието треба да се усвои и уставен закон за нивното спроведување, кој би требало да назначи кои измени треба да бидат извршени во домашното законодавство и во кои рокови. Според собранискиот деловник, амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Истото важи и за ставањето на дневен ред и за отворањето на расправата во однос на измените на Уставот. И додека правниците се категорични дека е потребно двотретинско мнозинство и за гласање и за ставање на дневен ред и за отворање на седницата за уставни измени, од власта порачуваат дека седницата може да почне и со просто мнозинство.
Токму досегашните најави и намери на претставници од власта се да отпочнат седницата и дебатата и потоа низ неа да се види, како што велат, кој е проевропски настроен, а кој не. Впрочем и претходните измени на Уставот, кога се гласаше Преспанскиот договор беа на тој начин, крајно тензични и неизвесни до последен момент, со силен притисок врз пратениците. Дали истото сценарио нѐ очекува и сега?
– Длабоко верувам дека ова лето ќе имаме уставни измени. Предлогот од наша страна повеќе од две-три недели е во владина постапка. Верувам дека до крајот на овие десет дена ќе се процесираат и ќе бидат доставени до Собранието. Процесот не е едноставен, бара широк консензус и две третини во парламентот, кои верувам дека ќе се обезбедат. Верувам, бидејќи имам информации дека во ВМРО-ДПМНЕ се разговара за таков процес и дека ако тие не се за поддршка на уставните измени, ќе се најдат други луѓе – истакна деновиве министерот за правда Кренар Лога при телевизиско обраќање.
Инаку, според собраниски извори, роковите во однос на процедура за уставни измени се стриктни, од тоа колку треба да трае секоја фаза, па до тоа колку минути секој пратеник ќе може да дискутира кога иницијативата за уставни промени ќе се најде на расправа во парламентот и тоа ќе се утврди на отворањето на седницата.
– Роковите течат откога ќе дојдат материјалите во Собранието. Во првата фаза, од приемот до седницата, мора да поминат 30 дена. И на самата седница 10 дена трае дебатата – вели претседателот на Собранието, Талат Џафери
Тој ја отфрли можноста да се поднесуваат нови амандмани, надвор од тие што ги предложила Владата како иницијатор, и откако ќе стигнат во Собранието нацрт-амандманите од Владата.
– Ниту Владата како иницијатор не може да предлага нов амандман кога ќе почне постапката – оценува Џафери, кој ги квалификува како алиби политичките изјави, барања и најави околу уставните промени што не се веќе договорени на експертската комисија.
Правните експерти со кои се консултира нашиот весник, пак, велат дека суштината на парламентарната демократија е токму во тоа да има широка јавна расправа и собраниска дебата низ која ќе може да се дополнуваат, видеоизменуваат сите предлози и амандмани во интерес на граѓаните и државата.
– Мора прво да има двотретинско мнозинство за отпочнување на процесот. По претпоставка да се случи тоа, иако мислам дека нема да се случи, предлозите влегуваат во јавна расправа. А штом влегуваат во јавна расправа сѐ е можно, да се дополнат, да се изменат, да се избришат, да се даде нов текст. Значи процесот се дели на три фази, прво отпочнува процесот со двотретинско мнозинство, потоа се води јавна расправа, која може да трае месец-два, па резултатите од јавната расправа се усвојуваат со обично мнозинство и последно усвојувањето на текстот на амандманите е со двотретинско мнозинство. Тоа е процедурата – вели Сотир Костов, искусен правник и аналитичар.
Според него, може да се смени тоа што претходно е предложено, но тоа треба да биде резултат на јавната расправа на експертите, но и на пратениците.
Правниците се едногласни дека алката што недостига за да отпочне што било е двотретинско мнозинство, кое во моментов власта го нема, иако носители на врвни функции сонуваат слатки соништа и со своите изјави се трудат да ја убедат јавноста дека тоа не е така. Со други зборови, сакаат да им угодат на Бугарите, да ѝ угодат на ЕУ, ама никој не сака да му угоди на македонскиот народ, велат соговорниците. Како и да е, пред македонскиот народ повторно е едно жешко и неизвесно политичко лето во кое пак ќе се кројат неговата судбина и иднина. Да се надеваме дека овој пат, сепак, тоа нема да биде на негова штета.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.