ФОТО: „Стоп за семејното насилство. Жртвите не се виновни“ – едноминутен настан со тивка поддршка за жртвите на семејно насилство

news
Advertisement

На Плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска се одржа едноминутен настан за тивка поддршка на жртвите на семејно насилство, преку демонстрација на симболот кој означува барање помош, како дел од кампањата „Стоп за семејното насилство. Жртвите не се виновни!“. Настанот е во организација на Билјана Ангелова, сопругата на бугарскиот амбасадор во земјава.

Advertisement

Ги охрабрувам сите луѓе кои ја следат оваа иницијатива, а кои искрено се надевав дека ќе се повеќе особено по она што се случи неодамна, да продолжат да ја поддржуваат кампањата. Само на ваков начин, кога сме сите заедно обединети, можеме да се избориме со семејното насилство и насилството во целост, како сериозен проблем на денешницата и да работиме на негово сузбивање. Повикувам на зголемување на свеста на сите општествени чинители и нивно активно вклучување во вакви, исклучително важни и сензитивни каузи, затоа што доколку систематски не се поставиме кон овој проблем, истиот ќе продолжи да се зголемува, а со него, за жал и бројот на жртви. Затоа, да кажеме СТОП на семејното насилство – изјави Ангелова.

Ова е трета година како се организира кампањата против семејното насилство, во која како што посочува Ангелова, фокусот овојпат е ставен на децата – како директни, но и како индиректни жртви на насилство. За кампањата за 2021 година е изработен и постер на кој со шминка се прикажани како жртви на насилство таа и нејзината тогаш петгодишна ќерка, која самата посакала да биде дел од кампањата. Тоа и помогнало да ја сфати важноста на темата и свесноста на децата за тоа што се случува во нивните животи.

-Сите мои кампањи се за градење на свеста, да ги отвориме очите кон проблемите, да ги надминуваме и да си помагаме…Секоја година ставам акцент на бојата на облеката. Сега сум во бело – бојата на невиноста, во портокалово – бојата на жртвите на семејното насилство и во црно за оние кои веќе не се со нас. Меѓу нив, за жал е и Вања, вели Ангелова.

Детето кое расте во средина полна со насилство учи дека тоа е нормалниот начин на функционирање – со примена на насилство, или пак, со толеранција на насилство. Насилството е циклус кој се пренесува од една на друга генерација, креирајќи трауматски искуства за инволвираните. Само со свесност за проблемот, соочување и активно работење кон превенција, смета таа, може да се избориме со овој непријател.

-Самите деца треба да ги учиме и кога ќе разберат дека мама или тато употребуваат насилство кон нив да знаат кај кого да се обратат, какви чекори да направат. Мислам дека е премногу битно уште во училиште децата да се едуцираат за овој проблем, вклучувајќи ги и тие од помала возраст, вели Ангелова прашана како да се заштитат децата од семејно насилство.

Освен во Скопје како дел од кампањата „Стоп за семејното насилство. Жртвите не се виновни!“, едноминутни настани со кои се означува поддршката на жртвите на семејното насилство се организирани и на плоштадите и јавните места низ градовите во земјава.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.