Две лица загинаа, а едно лице е тешко повредено во тешка сообраќајна несреќа што се случи на новиот автопат Прилеп-Градско, пред свртувањето кај Кавадарци, потврдија за МИА од Итната медицинска помош Кавадарци и Територијалната противпожарна служба, кои интервенираа на местото на несреќата.
Според д-р Антоан Паракеов, началник на Итната медицинска помош во Кавадарци, во несреќата се судриле челно две возила.
Две лица, маж и жена, загинаа во едното возило, додека 39-годишен маж од Прилеп, кој бил во другото возило, е тешко повреден.
Повреденото лице е пренесено во тешка состојба во Општата болница во Кавадарци.
Луѓето кои се нашле во близина на местото на несреќата за МИА изјавија дека екипите на Итната медицинска помош и противпожарната служба пристигнале што е можно побрзо.
Пожарникарите го извлекле преживеаното, но тешко повредено лице од едното возило, по што со возило на брза помош е префрлено на лекување.
Повеќе детали за причините за несреќата сè уште не се објавени.
Преземено од МИА.