Чешка од денеска им забранува влез во земјата на руски државјани со важечка шенген виза издадена од која било земја-членка на ЕУ кои патуваат за туристички, спортски или културни цели. Ова е дел од мерките на чешката влада на засиленото руско бомбардирање врз цивилни цели во Украина. „Не можеме да ги затвориме очите пред фактот дека Русија бескрупулозно бомбардира цивилни цели во Украина. Треба да преземеме мерки кои ќе испратат јасен сигнал до Русија дека тоа не е прифатливо“, изјави чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски. Чешка беше првата земја-членка на ЕУ која на 25 февруари, ден по инвазијата врз Украина, целосно го суспендираше издавањето визи за руските граѓани.
Забраната сè уште е во сила, а чешката влада подоцна воведе слична забрана за белоруските граѓани. Сега дури и на Русите со краткорочни визи од други земји-членки на ЕУ ќе им биде забранет влезот во Чешка. Иако огромното мнозинство Руси влегуваат во земјата преку меѓународниот аеродром во Прага, министерот за внатрешни работи Вит Ракушан рече дека забраната ќе биде строго применувана насекаде. Според податоците на Министерството за надворешни работи, околу 200 руски државјани секојдневно пристигнуваат во Чешка за туристички цели. Чешката влада не е првата што го направи овој потег – балтичките земји, Полска и Финска, исто така, ги затворија своите граници за руските туристи.

Чешка ги затвора границите за руските туристи
Advertisement
Advertisement
Advertisement