Шест месеци Македонија вакцинира со „Фајзер“ со истечен, па продолжен рок

news
Advertisement

Следната недела истекува и продолжениот рок за шест месеци на вакцината на „Фајзер“ за заштита од Ковид-19, која со месеци е единствената што ја имаме. Иако интересот за вакцинација е значително опаднат, па дневно во пунктот во поликлиниката „Букурешт“ во Скопје за вакцина доаѓаат едвај по пет-шест луѓе, оние што ќе се охрабрат по изминати две години да побараат вакцина, имаат дополнителна дилема поради истечениот рок. Здравствените работници се обврзани да ги известат дека рокот отпечатен на пакувањата не важи и дека вакцините се безбедни оти Европската агенција за лекови во неколку наврати го продолжи рокот на употреба.
На амбалажата стои дека вакцината треба да биде употребена до јули 2022 година. „Во моментот за заштита од Ковид-19 се користат вакцините на производителот ‘Фајзер’. На оваа вакцина што ја користиме ѝ е продолжен рокот за шест месеци, значи завршува на 31.1.2023 година, со тоа што институциите што стојат зад продолжувањето на рокот, како што е Европската медицинска агенција, нашите институции МАЛМЕД, Министерството за здравство, Комитетот за имунизација, ни укажуваат дека вакцината на ‘Фајзер’ е еднакво безбедна и ефикасна како и претходно. Пациентите се интересираат, прашуваат во однос на продолжениот рок на вакцината на ‘Фајзер’. Има пациенти што се двоумат, секако ним им го кажуваме сето ова што претходно ви го кажав и тие на крајот ја носат конечната одлука. Сосема мал број пациенти, кои, кога ќе слушнат, едноставно, ја одбиваат“, вели Бети Гелејчевска-Илкоска, лекар во вакциналниот пункт во Поликлиниката „Букурешт“.

Advertisement

На сите што ќе побараат, таа вели дека им го покажуваат и документот од МАЛМЕД, во кој прецизно е наведено до кога е продолжен рокот на вакцините на „Фајзер“, но останува забрането да си го понесат со себе шишенцето од вакцината.

„Не дозволуваме да се изнесе шишенцето. Тоа си стои. Има одредени препораки што стојат во упатството како да се применува оваа вакцина затоа што, кога ќе се извади од фрижидер, пропишано е колку време треба да стои на собна температура и во кој период може да се аплицира. Во тој контекст ние не дозволуваме вакцината да се изнесува. Тука е шишенцето и секој пациент, секој граѓанин, може да го види документот, како и шишенцето од кое ќе се аплицира“, рече Гелејчевска-Илкоска.

Љирим Шабани, директор на МАЛМЕД вели дека го продолжиле рокот на вакцината постапувајќи по насоки од Европската агенција за лекови
Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Љирим Шабани, објасни дека го продолжиле рокот на употреба на вакцината на „Фајзер“ по препорака од Европската агенција за лекови (ЕМА), а барањето за продолжување ги минало и сите домашни филтри.

„Тоа, најверојатно, и сигурно се безбедни вакцини. Првин да кажеме дека не е ништо одобрено од страна на нашата Агенција ако претходно не е испитано во согласност со европската регулатива и нашите прописи. Точно е дека за вакцината против Ковид-19 на производителот ‘Фајзер’ првично ЕМА направи продолжување на рокот на употреба. Потоа следуваа неколку измени од страна на ЕМА на барање на самиот производител да се продолжи рокот вторпат за шест месеци и за девет месеци и да важи ретроактивно, иако одлуката од страна на ЕМА е донесена подоцна“, вели директорот Шабани.

Продолжувањето на рокот на вакцините на „Фајзер“ почна на почетокот на минатата година кога кај нас имаше резерва и од другите производители, но од јули наваму за вакцинирање на повеќето пунктови останаа само вакцините со продолжен рок. Незначително мала количина на пунктот во „Букурешт“ има и од вакцините на „Синовак“ и на „Синофарм“, но за нив интерес речиси и да нема оти многу држави не ги признаваат.

Од „Фајзер“ велат дека рокот на употреба на нивните вакцини, кој првично бил шест месеци, сега е 18 месеци и важи за сите досега произведени
„А1он“ објаснување за продолжувањето на рокот побара и од компанијата производител, „Фајзер“. Од таму велат дека рокот е продолжен врз основа на досегашните искуства од употребата на веќе произведените вакцини во изминатите приближно 18 месеци. Нагласуваат дека не го менувале составот на вакцината.

„Во декември 2022 година ЕМА одобри ажурирање на времетраењето на складирање на вакцините на ултраниска температура од 15 до 18 месеци. Продолжениот датум на истекување е ефективен веднаш за сите моментно достапни вакцини, кои сè уште не се истечени, како и идните серии на вакцината. Не се направени промени во самата вакцина за да се овозможи продолжување на истечениот рок на употреба. Одлуката се заснова на поднесените податоци од ‘Фајзер/Бионтек’, кои вклучуваат и такви за стабилност на вакцините собрани во последните 18 месеци од развојот на вакцините против Ковид-19“, изјавија од „Фајзер“ за „А1он“ и нагласија дека кога првпат беше одобрена нивната вакцина, рокот на траење беше 6 месеци.

Според нивните податоци, во земјата се испратени вкупно 1.251.900 дози вакцини на „Фајзер“.

Најголем број од вакцинираните кај нас примиле токму вакцина на „Фајзер“, но и покрај тоа, бројот на пријавени компликации од оваа вакцина е ист со пријавените компликации од вакцините на другите производители.

„Вкупно од официјалната бројка што ја дава Министерството за здравство, а тоа е речиси 870 илјади вакцинирани лица, кај нас се пријавени 0,03 отсто несакани ефекти. Тоа му доаѓа приближно 260 пријавени несакани реакции од сите вакцини. Ако прашувате која вакцина дава повеќе, оти имавме и такви прашања, речиси бројката на несакани ефекти кај сите вакцини од пријавите кај нас е слична“, вели директорот Шабани

Од Министерството за здравство за „А1он“ изјавија дека во моментот располагаме само со вакцината на „Фајзер“ за заштита од Ковид-19. Имаме резерва од речиси 250.000 дози, чиј рок истекува следната недела. За набавка на нови, допрва ќе се носи одлука./A1on

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.