Шест пациенти во исто време имаат грип и ковид, грипот е во пораст, велат од ИЈЗ

news
Advertisement

Со лабораторски тест утврдено е кај шест пациенти дека во исто време се заболени од грип и од ковид-19, пишува во последниот извештај на Институтот за јавно здравје. Институтот бележи значителен пораст на заболените од грип, а пикот на заразата се очекува овој месец и во почетокот на март. Оваа сезона осум лица починале кои имале респираторни заболувања, од нив шест имале грип, а еден пациент ковид-19.

Advertisement

Институтот наведува дека лабораториски биле тестирани 999 примероци од лица кои се жалеле на симтоми кои наликувале на грип и на ковид-19 и од нив 160 биле позитивни на вирусот на грип, а 34 на ковид-19. Кај шест пациенти тестот покажал дека во исто време се болни и од грип и од коронавирусто (САРС-КОВ, односно ковид-19).

Регистрирани се и 133 позитивни случаи на респираторен синцицијален вирус (РСВ) и
10 други респираторни вируси.

Податоците за состојбата со грипот на Институтот се однесуваат на целиот месец јануари, каде се нагласува дека во последната недела се пријавени 1.834 случаи, што е за 9,5 отсто повеќе во споредба со претходната недела, а за 2,1 пати повеќе во споредба со четвртата недела од јануари минатата година.

Од болните од грип 982 лица се на возраст од 15 до 64 години, 342 се деца на возраст до четири години, 256 се деца на возраст од пет до 14 години и 254 случаи се регистрирани кај лица на возраст над 65 години.

Досега, од почетокот на сезоната за грип од крајот на минатата година, со тест или со дијагноза од лекар потврдени се 7.009 случаи.

Институтот за јавно здравје наведува дека се забележува континуирано зголемување на бројот на заболувања од грип и слични на грипот.

„Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има широко-распространета активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10%. Согласно овие податоци, Македонија има широка географска распространетост и висок интензитет на активноста на вирусот на грип“, се вели во извештајот и се потсетува дека најдобрата превентива е вакцинацијата.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.