Јовески со остар тон пред Анкетната комисија – „Оставете не да работиме, не ја користете Онкологија за политички цели“

news
Advertisement

Прес конференцијата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски отвори полемика и на самата Анкетна комисија дали веќе овој случај влегува во фаза на политички цели. На денешната седница на Анкетната комисија пред пратениците говореше првиот човек на Јавното обвинителство Љубомир Јовески со остар тон рече дека бил зачуден што е повикан и тој бидејќи за овој случај се води активна истрага. Обвини дека Анкетната веќе излегува од своите надлежности и ја нарушува предистражната постапка.

Advertisement

„Оставете не да си ја вршиме работата. Предметот „Онкологија“ се води темелно и стручно и ќе дојде до вистината без разлика на некои обиди за опструкции. Затоа уште еднаш апелирам да престане злоупотреба на предметот Онкологија во политички цели и за тоа барам поддршка од целата јавност. Директно се загрозува постапката и валидноста на доказите на што укажа и претседателот на Основниот суд“, вели Љубомир Јовески.

За изнесените наводи од страна на Мицкоски на прес конференцијата одржана вчера говореше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој повторно беше повикан пред Анкетната комисија. Спасовски рече дека Мицкоски со тоа ја нарушил истражната постапка.

„Доколку било кој граѓанин поседува било какви докази, тие докази да ги достави до надлежното Јавно обвинителство и на тој начин да помогне во истрагата. Секако дека доколку постојат докази а не ги доставува до надлежните истражни ќе значи прикривање на доказите или пак доколку постојат докази а ги објавува јавно како документација кои што се наоѓаат како дел од предметот тоа значи компромитирање на доказите и компромитирање на целата истражна постапка“, вели Оливер Спасовски.

Реакција стигна и од Клиниката за онкологија која ги отфрла изнесените ставови на Мицкоски дека се набавувале лекови на залиха. Апсолутно не станува збор за никакви нови докази а тоа што го објави е дел од истражната постапка, велат од Онкологија , од каде го обвинија Мицкоски за манипулирање со јавноста.

„Во однос на обвинувањето дека на Клиниката се набавувале лекови на залиха непотребно, е неосновано и погрешно. Количината за која се обвинува дека била вишок на залиха, не само што не е залиха туку била неопходна потреба и е во количина за мал број пациенти, и тоа од едниот лек само за 9 пациенти од друг лек за 5 пациенти. За еден од лековите (Абиратерон) воопшто и немало залиха и жалиме што со вакви неточни информации се манипулира јавноста“, велат од Онкологија.

Анкетната комисија денеска требаше да заврши со работа и да се донесат заклучоци, но според претседателката на Комисијата Рашела Мизрахи која како што рече ова „диво месо“ во здравството мора да има одговорност. Канцер мафијата рече таа се уште заработува на грбот на болните.

„Основаните сомнежи за заработка на грбот на болните пациенти, и несоодветен третман на заболените од рак се случува и денес и тоа не престанало. Втората работа е дека, и покрај доволните складирани количини на лекови, омилени веледрогерии на власта и денес набавувале огромни количини лекови за суми кои се изразени во милиони евра“, порача Рашела Мизрахи.

На денешната седницата на Анкетната комисија повторно биле повикани и екс министерот за здравство Венко Филипче и екс директорот на Клиниката за онкологија Нино Васев, но и двајцата не дојдоа. Не дојде ниту Миле Сугарев актуелен директор на Фондот за здравство кој информирал дека е на службен пат.

ИЗВОР: https://mk.tv21.tv/joveski-so-ostar-ton-pred-anketnata-komisija-ostavete-ne-da-rabotime-ne-ja-koristete-onkologija-za-politichki-tseli/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.