Аца Лукас со тешки обвинувања по приведувањето во Кавадарци: „Цела ноќ ме држеа – ова беше политичка порака“ (ВИДЕО)
Српскиот фолк-музичар Аца Лукас се огласи по инцидентот во Кавадарци, каде полицијата го приведе поради, како што е соопштено, „непријавен и нерегуларен концерт“. Настапот бил прекинат пред самиот крај, а пејачот тврди дека акцијата била намерно насочена кон него и неговиот тим.
Според Лукас, токму во финишот на настапот полицијата влегла во локалот и го прекинала концертот.
„Не сум уапсен, отидов со сопствено возило. Во станицата ми рекоа дека настапот не бил регуларен, дека не бил пријавен, иако неколку дена претходно испратив копија од пасош – како што секогаш правиме“, изјави тој за Скопје1.мк.
Пејачот тврди дека целиот бенд бил на бина, но само тој бил одведен во полициска станица.
„Имам сознание дека ова е направено лично и дека има врска и со луѓе од моето најблиско опкружување и со врвот на македонската власт“, вели Лукас, алудирајќи на политичка позадина на случајот.
Тој додава дека, доколку имало неправилности, полицијата требало да реагира пред настапот, а не пред „2000 луѓе и кусур“.
„Ова е како да знаете дека некој доаѓа да убие некого, а вие да реагирате дури после тоа. Сè е јасно“, порача пејачот.
Според неговото сведочење, во полициската станица поминал цела ноќ, без дозвола да се врати во хотел, а утрото чекал судија за прекршоци. Притоа, полицајците биле коректни и му се извиниле.
„Еден човек од судот ми рече: ‘Може ли да ви се извинам во име на македонскиот народ’. Нема потреба – народот е прекрасен. Проблемот е кој го води“, пренесува Лукас.
Тој најави дека ќе размисли дали повторно ќе настапува во Македонија додека, како што вели, „овие луѓе“ се на функција, бидејќи се чувствува небезбедно.
„Ова нема да остане неразјаснето. Ќе објавиме сè кога ќе бидеме сигурни. Не се плашиме од никого“, додаде пејачот.
Во прилог објави и видео-порака на својот профил на Инстаграм.
ВИДЕО 👇👇👇