24инфо репортажа: Во Скопје „врие“ молови, а скопјани на шопинг во Врање

news
Advertisement

Скопје како најголем град во државата има и најголема економска активност и најголема понуда на производи за широка потрошувачка.

Advertisement

Речиси секоја населба има свој трговски центар или по ново шопинг мол каде трговците ги нудат своите производи на скопјани но и на граѓани од внатрешноста и од соседството.

Некои трговски центри зјаат празни со години, некои нови шопинг молови се преполни и се долго време „ин“ за потрошувачите, се на сѐ Скопје со својата комерцијална понуда нуди се за секого.

Но дали е навистина така?

Вчерашниот државен празник и неработен ден, натера илјадници скопјани, но и луѓе од цела Македонија да заминат на еден ден во Врање, соседна Србија.

Сите ленти на границата беа преполни со автомобили, но и комбиња и автобуси чија крајна дестинација беше малото градче во јужна Србија.

Македонските и српски граничари иако работеа со полна пареа сепак не беа „доволно брзи“ за нестрпливите македонски граѓани.

А кога ќе стигнете во Врање, немате впечаток дека сте надвор од Македонија. Стотици автомобили со македонски регистарски таблички од кои најбројни се оние скопските и кумановските, но има автомобили и од Велес, Штип, Тетово, Крива Паланка, Кочани…

Насекаде се слуша македонски

Во ритеил паркот во Врање, каде е сместен и Лидл има врвулица во сите локали. И во бутиците и во продавниците за домаќинство и во продавниците за бела техника и спортска опрема. И насекаде се слуша македонски.

Има лица од сите категории, од групи пензионери, друштво на млади, но и млади и повозрасни брачни парови кои трпеливо чекаат на касите, за да ги платат своите производи.

Ист е случајот и со угостителските објекти. Во центарот на градот рестораните се преполни, некои дури и чекаат ред за да се ослободи маса, а во некои локали дури 90 проценти од масите се со македонски шопинг туристи.

Некои од посетителите доаѓаат за прв пат, повеќето од нив тука се редовни и ја користат секоја прилика да дојдат.

Вреди ли патот?

Во неврзан разговор велат дека поради близината често доаѓаат да направат шопинг особено за обувки и облека, за кои велат дека се далеку поевтини отколку во Скопје.

„Со сопругата и децата редовно доаѓаме овде секогаш кога треба да се набави облека пред претстојната сезона. Споредено со моловите во Скопје, овде едно парче облека од еден ист бренд е за 10 до 15, а има некои што и се и за 20 евра поевтино од Скопје. Ние пазариме десетина парчиња облека, па заштедата е навистина сериозна“ вели Игор од Скопје.

Сличен став дели и Христина од Куманово, која како што вели со своето друштво барем еднаш во два три месеци оди на шопинг во Врање.

„Нас од Куманово за патување ни е исто дали ќе одиме во Скопје или во Врање, но почесто одиме во Врање, затоа што овде е многу поевтино за секаков вид стока“ рече таа.

Повозрасните граѓани најмногу се задржуваат во „Лидл“ но и во други синџири маркети, каде што внимателно ги следат попустите и промоциите и се снабдуваат со храна и пијалоци.

На враќање од Врање, сликата на границата беше иста како и претпладнето. Колони возила со македонски граѓани, кои чекаа да стигнат до своите домови.

Некои со полни багажници, некои само со неколку купени работи, но се чини сите задоволни што го искористиле неработниот ден за шопинг и прошетка.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.