Македонката Тина Русева испиша историја со тоа што стана првата учесничка од Македонија во престижното музичко шоу „The Voice of Germany“, кое годинава влегува во својата 15-та сезона. Со својот енергичен и емоционален настап, Тина буквално „растури“ сцената, освојувајќи ги срцата на жирито и публиката.
Нејзиниот прв настап беше проследен со громогласни аплаузи, поддршка од гледачите и силни позитивни реакции на социјалните мрежи. Слободна, опуштена и самоуверена, Тина настапи како вистинска ѕвезда, а по настапот кратко напиша:
„Сонот стана јаве“.
Русева, која потекнува од музичко семејство од Струмица, моментално живее во Леверкузен, Германија. Музиката за неа е семејно наследство – нејзиниот татко е тапанар, а мајка ѝ пејачка, што уште од најмали нозе ѝ ја всадило љубовта кон музичката уметност.
Во неодамнешно интервју за Женски магазин, Тина открива низ што поминала за да се најде на сцената на најгледаното музичко шоу во Германија:
„Секогаш со гордост ја претставував Македонија. Секој настап беше ново патување, ново искуство и нова приказна. Животот ме однесе во Леверкузен, Германија, но моите соништа останаа исти. Од првиот ден овде си поставив цел: да застанам на сцената на The Voice of Germany. Тоа не беше лесен пат – поминав низ неколку селекции, долго чекање, многу адреналин, неизвесност и сѐ надеж. Но, не се откажав. И конечно успеав.“
Учеството во едно од најголемите музички натпреварувања во Европа за Русева е повеќе од само настап – тоа е исполнување на сон, но и можност да ја претстави Македонија пред милионска публика:
Нејзиниот настап претставува не само личен успех, туку и причина за национална гордост. Со својот талент, харизма и емоција, Тина Русева веќе е гласот на новата македонска музичка надеж на меѓународната сцена.
РЖМ – Г.Д.Г
Фото: Инстаграм
Дознајте сè за случувањата во шоу бизнисот, бидете во тек со темите за животен стил и мода. Пријавете се во нашата Вибер група