СЕ ИСТРАЖУВААТ НАД 40 АВТОШКОЛИ: СОМНЕЖИ ЗА КАРТЕЛ И „ШТЕЛУВАЊЕ“ НА ЦЕНИТЕ
Комисијата за заштита на конкуренцијата отвори опсежна истрага против повеќе од 40 автошколи низ државата, поради сомнежи дека координирале цени и создавале недозволен ценовен картел.
Според Комисијата, увидот на терен покажал сериозни индиции за усогласено однесување меѓу автошколите, што претставува прекршување на член 7 став (1) од Законот за заштита на конкуренцијата, кој строго го забранува договорното ограничување на пазарната слобода.
„Увидот покажа индиции за можност автошколите да ги координирале цените на обуките, што е спротивно на законот“, соопштија од Комисијата.
Институцијата најави дека ќе продолжи со прибирање докази и детална анализа на целокупната документација. Доколку се потврдат сомнежите, ќе следуваат санкции согласно законските одредби – мерки кои можат да вклучуваат високи глоби и ограничувања во работењето.
Од Комисијата порачаа дека остануваат целосно посветени на заштитата на фер конкуренцијата и интересите на потрошувачите, предупредувајќи дека секое нарушување на пазарните правила директно ја оштетува јавноста и го нарушува интегритетот на економскиот систем.