Меѓу уапсените во мега-акцијата со запленет рибарски брод на кој биле пронајдени 7 тони кокаин, се наоѓа и човекот кој во криминалните кругови е познат како „грчкиот Ескобар“ – Алекос Ангелопулос, јавности познат како Алекос Дебелиот, објавува грчкиот портал „Либре“.
Според достапните информации, неговата криминална биографија е долга и „филмска“: наводни испораки на дрога од Латинска Америка кон Европа преку Сенегал, поврзување со канали за извоз на оружје од Грција кон Никарагва, раскошен стил на живот со афери и врски во Антверпен, инвестиции во „брендирани“ бизниси, па дури и обиди за влијание преку купување фудбалски тимови, со сомнежи за перење милиони евра преку ОПАП.
Алекос, син на полицаец од Неои Пори (Пиерија), наводно започнал како морнар на стари бродови кои пренесувале шверцувани цигари на релација Албанија–Италија, а со тек на време прераснал во клучна фигура во она што се опишува како најголема криминална мрежа за трговија со кокаин што делувала во Грција. Според написите, тој бил сопственик на бродот на кој била откриена дрогата и подолго време бил мета на меѓународни безбедносни служби.
Досега, според последните информации, пет лица се уапсени, а се најавува дека може да следат апсења на уште петмина. Членовите на екипажот на запленетиот брод се во притвор и се очекува да бидат изведени пред истражен судија, додека истрагата продолжува за целосно разоткривање на мрежата.
Заплената на кокаинот – кој, според информациите, потекнува од Латинска Америка – ја вбројува оваа операција меѓу најголемите случаи на меѓународен шверц во регионот.