Љубовта знае да изгледа како комплицирана игра – особено кога се обидуваме да ја разбереме, да ја дефинираме и да „ја погодиме“ вистинската динамика. Психологот Марк Траверс посочува дека проблемот често не е во тоа што не сакате љубов или дека не сте подготвени, туку во две навики што несвесно ги развиваме за да се заштитиме.
Според него, овие навики може да ве чуваат „безбедни“, но истовремено да ве кочат да влезете во подлабока поврзаност. Првата навика што се издвојува е брзање со љубовта.
Љубовта, вели Траверс, бара време за да созрее, а во денешната култура на запознавање сè е брзо, инстант и без трпение. „Навикнати сме на брзи пораки и на чувство дека сè мора да се случи веднаш. Трпението често се губи, а тој недостаток лесно се пренесува и во врските“, изјави тој за Psychology Today.
Траверс објаснува дека кога ќе се појави „искра“, многумина чувствуваат притисок веднаш да одлучат дали тоа е „нешто сериозно“. И токму во тој напор да се забрза, лесно се меша интензитетот со интимноста – силни емоции, постојана комуникација и возбудата за „нешто ново“ се доживуваат како вистинска блискост, иако не мора да значи дека таа навистина се изградиле.
Втората навика е уверувањето дека мора да бидете целосно емоционално „средени“ пред да влезете во врска или да ја продлабочите. Траверс нагласува дека личниот раст и поврзаноста не мора да се случуваат одвоено – врската може да биде простор каде двајца луѓе растат заедно, си даваат сигурност и охрабрување. Но, исто така подвлекува дека врската не може да ја замени работата на себе – таа може да ја поддржи и зајакне, но не и да ја заврши наместо вас.
Психологот порачува дека љубовта не се „совладува“ преку ноќ. Патот до подлабока блискост почнува со свесни избори и препознавање на сопствените обрасци. Тие обрасци не се „вистината за вас“, туку навики создадени од претходни искуства.
„Кога ќе почнеме да ги забележуваме, нивното влијание постепено слабее. Промената доаѓа полека, со трпение кон себе. Иако умот сака да се врати на старите начини затоа што изгледаат побезбедни, секој пат кога ќе изберете поинаква реакција, создавате простор за поздрава и подлабока љубов“, заклучува Траверс.