Во еден од најголемите банкарски грабежи во последните години, крадци украле над 30 милиони евра од филијала на банката „Шпаркасе“ во германскиот град Гелзенкирхен, соопшти полицијата.
Според првичните проценки, станува збор за груба сума изведена врз основа на осигурената вредност на сефовите, бидејќи банките немаат точен увид колку пари, злато или други вредни предмети клиентите чувале во нив. Секој од повеќе од 3.000 сефови бил осигуран на 10.300 евра, а истражителите не ја исклучуваат можноста конечната штета да биде и значително поголема.
Крадците, наводно, влегле во објектот преку подземна гаража, по што со специјална дупчалка пробиле дебел армиран бетонски ѕид и стигнале до трезорот. Таму биле ограбени околу 95 проценти од вкупно 3.250 сефови.
Сведоци изјавиле дека во ноќта меѓу сабота и недела забележале неколку маскирани лица како носат големи торби во гаражата на банката. Полицијата трага по црн „Ауди RS6“ со регистарски таблички од Хановер, за кој е пријавено дека бил украден.
Поради големиот број вознемирени клиенти кои се собрале пред филијалата, полицијата повеќепати морала да интервенира и да го обезбеди објектот. Банката отворила посебна телефонска линија за клиентите и соопштила дека е голема веројатноста нивните сефови да биле провалени.
Истрагата е во тек, а сè уште не е јасно зошто противпожарниот аларм бил активиран дури во понеделник наутро. Се претпоставува дека грабежот се случил за време на божиќните празници или минатиот викенд.