По обилните врнежи кои ја зафатија територијата на Северна Македонија, надлежните информираат дека до 12:30 часот состојбата е главно стабилизирана, без поголеми нарушувања во редовното функционирање.
Во скопскиот регион нема пријавени проблеми, а ситуацијата е стабилна. И во Тетово и околината патните правци се проодни, со претежно влажни коловози. ЈП „Македонија пат“ го одржува патот Тетово – Попова Шапка, а за одронот кај каменоломот на патот Гостивар – Маврово е најавена интервенција.
Во Струмичкиот и Велешкиот регион нема активни врнежи, поплави или одрони, па состојбата е мирна. Во Кумановскиот регион, вклучително Липково и Старо Нагоричане, реките не се излеваат и сите патни правци се проодни, а интервенции се вршат во Крива Паланка, Кратово и Страцин за расчистување на снег и помали одрони. Во Штипскиот регион состојбата е стабилна.
Сепак, проблеми се евидентирани во западниот и охридско-струшкиот регион. Во Охрид реката Сушица е под контрола со заштитен насип, но на повеќе локации сè уште има поплавени дворови и подруми. Во струшките села Мислешево и Калишта се пријавени поплави, додека во Дебар реката Радика има зголемен водостој, но без опасност од излевање. Во Кичево водостоите на Зајашка река и Треска се намалени.
Во битолско-пелагонискиот регион, локалниот пат кон Мренога во Демир Хисар е затворен поради оштетен мост на Боишка река. Реката Црна сè уште се излева кај селата Жван и Единаковци, поплавувајќи земјоделски површини, додека во Битола и Ресен водите се повлекуваат, а се вршат интервенции за расчистување на коритата.
Надлежните апелираат до граѓаните на внимателност, особено во подрачјата со зголемени водостоји и локални оштетувања./trn.mk