Полицијата го санкционирала, но тој повторно седнал зад волан, страшни детали за бегалецот Саит Саитов!

News

Младиот Саит Саитов, кој смртно прегази жена и побегна од местото на несреќата, а потоа и од државата, и претходно ѝ бил добро познат на полицијата. Тој и неговиот татко, кои сега се во бегство и се бараат со меѓународна потерница, лани биле санкционирани од МВР.

Таткото добил прекршочна пријава затоа што му го дал возилото на синот, иако знаел дека нема возачка дозвола. Саит Саитов, пак, бил казнет со 300 евра за управување возило без положен возачки испит.

Од МВР за ТВ 24 потврдуваат дека против Саитов во 2025 година била изречена санкција по Законот за безбедност на сообраќајот, додека против неговиот татко била поднесена прекршочна пријава за давање возило на лице без возачка дозвола.

И покрај тоа, само неколку месеци подоцна, Саитов повторно седнал зад воланот – без дозвола и во присуство на татко му – и ја прегазил повозрасната жена, по што побегнал.

Дел од експертите предупредуваат дека ваквите трагедии не се случајни, туку резултат на системски пропусти. Адвокатот Жарко Стеваноски вели дека, освен органите на прогонот, сериозна одговорност имаат и Центрите за социјална работа, кои мора навреме да реагираат кај млади со девијантно однесување.

Според него, слабата рана превенција, кратките судски рокови и неефикасното санкционирање создаваат чувство на неказнивост кај младите. Дополнително, семејствата сè помалку се фокусираат на воспитување и социјализација, што го продлабочува проблемот.

„Потребно е зајакнување на системот на социјална заштита, измени во регулативата за малолетничка правда и поефикасна примена на законите од страна на обвинителството и судовите“, вели Стеваноски.

Во меѓувреме, излегоа информации дека Саит Саитов своето дивеење зад волан го снимал и го објавувал на социјалните мрежи. По трагичниот настан, овие снимки биле избришани.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *