(ВИДЕО)Ужас – Цунами високо 9 метри ги „зема пред себе“ луѓето, има загинати

News

Страв на аргентинска плажа: „Мини цунами“ од 9 метри однесе луѓе, има загинати (ВИДЕО)

Вистинска драма се одвиваше на плажа во аргентинскиот крајбрежен град Санта Клара дел Мар, откако неочекуван и исклучително силен бран предизвика хаос меѓу капачите, при што има загинати и десетици повредени.

Драматичните видеа што се појавија вчера попладне на социјалните мрежи прикажуваат паника меѓу луѓето кои очајнички се обидуваат да излезат од морето, додека во позадина се слуша свиреж за предупредување на опасност. Иако на снимките не се гледа самиот огромен бран, очевидци за локалните медиуми сведочат дека водениот ѕид достигнал височина и до девет метри.

Според официјалните информации, 29-годишен маж кој бил во посета на семејството во Аргентина, трагично го загубил животот откако брановите го однеле во морето и тој удрил со главата во карпите. По смирувањето на морето, спасувачките екипи се обиделе да го реанимираат, но без успех.

Уште еден маж доживеал срцев удар откако бил зафатен од силните бранови, а најмалку 35 лица се повредени во инцидентот, од кои дел со потешки телесни повреди.

Експертите сметаат дека станува збор за редок природен феномен познат како „метеоцунами“ – појава при која морето прво нагло се повлекува, а потоа следуваат силни и високоенергетски бранови, предизвикани од ненадејни промени во атмосферскиот притисок и силни ветрови.

„Ова е непредвидлив настан и во моментов не можеме со сигурност да кажеме дали може повторно да се случи“, изјави Фабијан Гарсија, раководител на Цивилната заштита во покраината Буенос Аирес.

Шефот на синдикатот на спасувачи, Науел Нардоне, истакна дека брановите достигнале „незамисливи височини“, удирајќи ги луѓето кои се сончале, одмарале или се ладеле во водата. Тој додаде дека ваков феномен е исклучително редок за регионот, опишувајќи го како „мини цунами“ што не е предизвикано од земјотрес, туку од екстремни метеоролошки услови.

Сведоци раскажуваат за сцени на хаос и очај – морето носело чадори, торби и лежалки, додека луѓето си помагале меѓусебно за да не бидат однесени од брановите. Некои велат дека само неколку секунди пред ударот, морето ненадејно се повлекло, а потоа се појавил бран „како ѕид“ што се срушил врз брегот.

Властите наредија превентивна евакуација на сите плажи во погодената област, вклучувајќи ги Мар Чикита, Санта Клара дел Мар и Мар дел Плата, додека службите за итна помош ја следат состојбата на повредените во здравствените установи.

Иако експертите оценуваат дека станува збор за изолиран и редок настан, слични нагли порастувања на нивото на морето биле забележани и во Мар дел Плата, каде спасувачите морале итно да реагираат откако водата за неколку секунди се искачила од половината до вратот на капачите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *