Објавена е најновата листа на најмоќните пасоши во светот за 2026 година според „Henley Passport Index“, која ги рангира земјите врз основа на бројот на дестинации што нивните граѓани можат да ги посетат без претходна виза. И оваа година, азиските земји доминираат на врвот, додека Македонија бележи напредок на листата.
Сингапур се најде на првото место со безвизен пристап до 192 од вкупно 227 дестинации. Јапонија и Јужна Кореја го делат второто место со можност за патување во 188 земји без виза. Веднаш зад нив се Данска, Луксембург, Шпанија, Шведска и Швајцарија, чии пасоши овозможуваат влез во 186 држави.
Македонија е рангирана на 38. место, а македонските граѓани можат да патуваат без виза во 128 земји, што претставува подобрување во однос на претходната година.
Меѓу земјите од регионот, Хрватска се најде на шестото место со безвизен пристап до 183 дестинации, додека Грција минатата година беше најдобро рангирана земја од регионот, на шестата позиција со пристап до 186 земји.
Извештајот покажува и значајни поместувања на глобално ниво. Обединетите Арапски Емирати го забележаа најголемиот напредок во историјата на индексот, искачувајќи се за 57 места во последните две децении. Од друга страна, Велика Британија го регистрира најголемиот пад во последната година, со осум помалку безвизни дестинации во споредба со лани.
Соединетите Американски Држави се вратија на 10. место со пристап до 179 земји без виза, но и натаму бележат пад во однос на позицијата што ја имаа пред две децении.
На дното на листата повторно се наоѓа Авганистан, чии граѓани можат да патуваат без виза во само 24 земји, што ја нагласува сè поголемата разлика во глобалната мобилност меѓу државите.
Експертите посочуваат дека моќта на пасошот сè повеќе ја одразува политичката стабилност, дипломатскиот кредибилитет и геополитичката позиција на земјите, а не само бројот на безвизни дестинации.