Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривична пријава против М.Т. (46) од Битола, управител на приватна фирма со седиште во општина Новаци, поради основано сомнение за повеќе кривични дела – „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.
Според полицијата, осомничениот во периодот април–мај 2024 година со пречекорување на своите овластувања и со намера да прибави противправна имотна корист, ѝ нанел значителна финансиска штета на РЕК Битола.
Тој ги изменил две официјални барања од РЕК Битола – рудник Суводол, наменети за набавка на ролни за јаглен. Изменетите барања, со прецизирани количества, биле употребени како валиден доказ во правниот сообраќај за набавка на гумени прстени, со што на РЕК Битола ѝ била нанесена штета од 5.453.700 денари, односно околу 88.678 евра.
Случајот е целосно документиран и доставен до Основното јавно обвинителство Битола, а истрагата продолжува.