Cексуална работничка: Сексуалната работа треба да се декриминализира, тоа е работа како и секоја друга

news
Advertisement

Во сабота сексуалните работници ќе го одржат традиционалниот Марш на црвените чадори под мотото „15 години колективен глас против насилството врз нас. Сексуалните работници бараат декриминализација на доброволната сексуална работа бидејќи само така тие ќе се заштитат од насилство, експлоатација и трговија со луѓе.

Advertisement

Со оглед на тоа што живееме во општество кое е дискриминирачко, стигматизирачко, па дури и насилно во одредени случаи, потребна е голема храброст за јавно зборување на тема сексуална работа, особено ако тоа доаѓа директно од претставници на заедницата на сексуални работници. За жал, во Република Северна Македонија сѐ уште постојат конзервативни и застарени општествени вредности кон сексуалноста и автономијата на човековото тело со што државата си зема за право да го ограничува нашиот телесен интегритетот, а со тоа само дополнително го продлабочува јазот на родова нееднаквост. Оттука доаѓа и мојата одлука за анонимност.

| Зошто почнавте да се занимавате со сексуална работа? Беше ли тоа изнудена или освестена лична одлука? Раскажете ни ја вашата лична приказна за мотивите, причините и проблемите од првиот ден до денес.

Се започна откако останав без работа. Работев како административен работник во приватна фирма во родниот град, но поради сплет на околности фирмата се затвори и јас останав без работа, без примања. Еден период се обидував да најдам друга работа според моите квалификации, но за жал неуспешно. Поради стравот да останам без никакви приходи, доброволно започнав да се занимавам со сексуална работа. Нормално мотивот беше сигурен финасиски надомест, всушност како и секој друг работник во било која дејност кој работи за плата.

Во однос на проблеми со кои сум се соочувала како сексуален работник освен дискриминирачки ставови од страна на поединци, сум немала други поголеми проблеми. Но за жал, сведок сум на случаи на насилство и злоупотреба на мои колеги и колешки. Најчесто овие случаи остануваат недокументирани, поради стравот на сексуалните работници да пријават било каков вид на насилство кај надлежните институции. Сексуалните работници како една од најранливите категории на граѓани, сè уште живеат на маргините од општеството кое го нормализира насилството, а институциите толерираат говор на омраза, стигма и дискриминација. Поради тоа, ретко се охрабруваме да ги побараме нашите права по системски пат и најчесто поддршката ја обезбедуваме преку граѓанските организации.

| Дали како сексуална работничка сте преживеале насилство, од кого и какво? Што се случи потоа? Дали пријавивте и каков беше исходот?

Како што напоменав и претходно, јас лично се немам доживеано поголемо насилство, но можам да споменам еден случај во кој мој клиент ме ограби. Случајот го пријавив во полиција, така завршивме на суд и лицето доби соодветна казна. Нормално, нивото на професионализам на МВР како државна институција која треба да ги заштитува и третира сите граѓани подеднакво не беше на завидно ниво. На суд кога кажав дека сум сексуална работничка, во поголем дел од времето се зборуваше за тоа, наместо за стореното дело на клиентот, но за среќа, сѐ се заврши онака како што налага законот.

| Со какви видови насилство најчесто се соочуваат сексуалните работници во Македонија и какви последици тоа остава врз нив?

Сексуалните работници во нашата земја, особено оние кои работат на отворена сцена, на улица, се полесна мета на насилниците, па најчесто, покрај психичкото насилство, сексуалните работници се соочуват и со физичко насилство. Но тоа не значи дека и сексуалните работници кои работат во затворен простор не се предмет на физичка и сексуална злоупотреба од страна на нивните клиенти, партнери или членови на семејството.

Имаше случај во Скопје, кога три девојки беа нападнати и ограбени од тројца насилници во стан додека работеле. Две од девојките беа тешко повредени и завршија на ургентно, дури едната успеала да скокне од 2ри спрат за да се спаси и да повика полиција. На крајот, наместо да се гонат насилниците, институциите покренеа обвинение против една од девојките на чие име се водел договорот за закуп на стан. Девојката беше обвинета за посредување во вршење проституција, а останатите беа присилени да признаат дека се занимаваат со сексуална работа. Денес, после 10 години од овој случај, насилниците не се пронајдени, а една од девојките која беше осудувана, за жал почина и не ја дочека правдата на виделина. Овој случај е само еден од многуте примери во кои се прекршуваат човековите права на сексуалните работници. Наместо сексуалните работници да ја добијат потребната институционална поддршка, тие се дискриминирани и стигматизирани токму од оние кои треба да бидат нивни заштитници.

Многу често, сексуалните работници како последица од доживеаното насилство и претрпениот страв одбиваат да продолжат со работа, па како резултат на тоа се соочуваат со финансиска криза. За среќа, денес сексуалните работници се сѐ повеќе информирани за своите права и благодарение на граѓанските организации кои ги застапуваат правата и слободите на сексуалните работници можат да добијат правна помош.

| Како може таа слика на малтретирање да се промени институционално и што досега сте преземале на тој план?

Сметам дека проблемите со кои ние сексуалните работници се соочуваме секојдневно би се намалиле, само доколку правно се регулира сексуалната работа во Република Северна Македонија. Како колектив се залагаме за декриминализација на доброволната сексуална работа, бидејќи само со донесување на политики засновани на човекови права и јавно здравје со кои ќе се регулира сексуалната работа и активностите поврзани со неа, ќе се обезбеди заштита на сексуалните работници од насилство, експлоатација и трговија со луѓе. Како членка и активистка во здружението СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот кое е дел од Платформата за декриминализација на сексуалната работа во чии рамки се иницираше процесот на декриминализација на сексуалната работа. Учествувавме во креирање и доставување на предлог измени до надлежните органи за измени на Кривичниот законик (Член 191) и Законот за прекршоци против јавен ред и мир (Член 19) по кои се казнуваат одредени активности поврзани со сексуалната работа. Минатата година, организиравме и „ПОП-АП вечера“ кога за прв пат во историјата на нашата држава на иста маса седнаа претставници на институциите (Министерство за внатрешни работи, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за правда и Народниот правобранител) заедно со лица од заедницата и активисти со цел активно и значајно вклучување на сите засегнати страни во донесување на законски решенија во насока на декриминализација на сексуалната работа во Северна Македонија.

| Што би се сменило во вашиот личен живот, кога сексуалната работа би се легализирала? Дали сегашната регулатива ја сместува сексуалната работа во криминал, односно дали сексуалните работнички се приведувани, осудувани и опишете ни што се случува во тие процеси, односно како изгледаат тие рации?

Како што напоменав, заедницата на сексуални работници во Република Северна Македонија не бара легализација, туку декриминализација на сексуалната работа. Декриминализацијата на сексуалната работа, не е исто што и легализацијата, и ова сакам до го потенцирам со цел да се направи разлика помеѓу двата модели. Легализација претставува законска рамка која се карактеризира со опсежна законска регулатива, која ја организира работата преку закони и воведување на правила за начинот, времето и местото на организирање на сексуалната работа, како и други ограничувања за сексуалните работници, за управителите и за клиентите, што пак може негативно да влијае врз работата и да доведе до ограничување на правата на сексуалните работници.

Како колектив имаме точно утврден модел за правна регулација на сексуалната работа. Ние како здружение се залагаме за декриминализација на сексуалната работа, по примерот на Нов Зеланд, Нов Јужен Велс и Белгија. Белгија е првата земја во Европа која оваа година ја декриминализираше сексуалната работа. Со промена на постоечките закони кои ги таргетираат сексуалните работници, сите кривични и административни забрани и казни за сексуалната работа, вклучувајќи ги законите со кои се опфатени клиентите би ни се обезбедиле побезбедни услови за работа. Ние, сексуалните работници би можеле само во таков случај да пријавуваме насилство без страв од дискриминација и би можеле да бараме оштета од државата.

Моментално во Република Северна Македонија индивидуалната сексуална работа е регулирана како прекршок против јавен ред и мир (Член 19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир) додека посредувањето, односно организирањето на сексуална работа претставува кривично дело „Посредување при вршење проституција“ според член 191 од Кривичниот законик на РМ.

Тековните политики и закони не ја препознаваат доброволната сексуална работа со што сме исклучени од системот на правна и социјална заштита, ни се одзема правото слободно да заработуваме за сопствената егзистенција и води кон наша целосна општествена маргинализација, но и на нашите семејства. Сметам дека декриминализацијата на сексуалната работа ќе помогне во препознавање на сексуалната работа како работа и ќе ни овозможи уживање на сите работнички права, што за мене лично ќе биде решавање на едно од поважните прашања во мојот живот, а тоа е да имам право на пензинско осигурување и да бидам обезбедена за иднината.

Во однос на полициските рации и приведувањето на сексуалните работници, можам да го споменам случајот од 2008 година, кога полицијата во акцијата „Улична проституција“ приведе сексуални работници кои работат на отворена сцена во околината на зградата на Македонската Радио Телевизија. Девојките беа апсени јавно пред објективот на медиумите, изложени на секаков линч. Најголем дел од лицата беа приведени од страна на МВР поради сомненија дека сториле прекршок („поради сомненија дека се оддавале на проституција“), а потоа се обиделе да ги прикажат прекршителите како криминалци, правејќи криминалистички профил за целата група. Ден потоа, сексуалните работници беа присилно тестирани за ХИВ и хепатит Ц на Инфективната клиника, што е спротивно на Законите и Уставот. Девојките беа обвинети по член 191 од Кривичниот законик на РСМ.

Во рамките на спроведувањето на целокупната акција од СВР Скопје биле забележани серија груби процедурални грешки, злоупотреба на службената должност и флагрантни кршења на основните човекови и здравствени права на сексуалните работнички. Но, благодарение на правниот тим кој ги застапуваше сексуалните работници а поддржани од граѓанскиот сектор, после прилично долга битка, девојките добија на суд. Судот за човекови права во Стразбург потврди низа прекршувања на човековите права и на државата и беше наложено да плати оштета. Ова е пример за тоа како се одвивале овие приведувања во изминатите години, но сакам да потенцирам дека денес свесноста е поголема и се поретко сме сведоци на ваков третман од страна на полицијата.

| Кога би можеле да ги смените законите во земјава за да си ја подобрите состојбата, што би смениле?

Многу работи би сакала да се сменат, од образование, здравство, правосудство, но пред сѐ сакам да се сменат законите кои ги таргетираат сексуалните работници. Со декриминализација на сексуалната работа, сексуалните работници ќе работат во побезбедни услови и ќе живеат без стигматизација, социјална исклученост, и страв од насилство.

| Зошто сексуалната работа треба да е легална според вас?

Сексуалната работа треба да се декриминализира, бидејќи тоа е работа како и секоја друга. Со соодветна регулација на сексуалната работа, повеќе нема да бидеме дел од сивата економија и лицата кои ја работат оваа работа ќе бидат заштитени со закон и ќе ги уживаат бенефициите што ги имаат другите работници, на пример ќе можат да си плаќаат придонеси и сл.

| Годинава се одбележуваат 15 години Марш на црвените чадори под мотото „15 години колективен глас против насилството врз нас.“ Како би можело да се спречи истото или барем да се намали?

Оваа година СТАР – Првиот колектив на сексуални работници на Балканот одбележува јубилеј – 15 години Марш на црвените чадори. Традиционално маршот ќе се одржи на 17-ти декември, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници. Оваа година ќе маршираме под мотото „15 години колективен глас против насилството врз нас.“

Насилството кое секојдневно го трпиме, интерсекциската дискриминација и јавната осуда би можеле да се намалат само со декриминализација на сексуалната работа, преку сензибилизација на службениците во стручните служби, и преку подигање на јавната свест. Насилството не може и не смее да биде оправдано врз никого. Јас како сексуален работник не причинувам штета никому, работам како и секој друг, придонесувам за мојот опстанок, за моето семејство и не барам посебен третман. Барам да се почитува моето право на избор и слобода.

| Како изгледа пријавувањето на насилството врз сексуалните работници во институциите на системот низ призмата на еден сексуален работник?

Воопшто не е лесно, ниту безбедно, знаејќи дека од жртва многу лесно можеш да станеш обвинета. Многу често при пријава на било каков случај, наместо да се собираат информации за престапникот или за случајот, тие целиот разговор го насочуват кон сексуалната работа, поставувајќи лични прашања „Колку ти е цената за еден?“, “ Колку заработуваш?“ кои не се во корист на истрагата. Имало случаи кога се обидуват да наметнат вина на жртвата дека лицето кое пријавува го предизвикала насилникот со начинот на кој се однесувала или била облечена. Оттука може да се види нивната професионалност. Наместо според закон, тие ги водат случаите според лични убедувања.

Важно е да се потенцира, дека најчесто жртви на насилство се трансродовите сексуални работнички, кои доживуваат дискриминација по повеќе основи, особено поради сексуалната ориентација. Најчесто се случува лица да побараат сексуална услуга од нив, знаејќи дека се трансродови жени и на крај најчесто од страв да не бидат дознаени јавно, истите лица стануваат насилни спрема нив. Во ваквите случаи полицијата скоро и да не постапува или дополнително ја виктимизира жртвата.

Јас имав случај кога како парараправник, бев во придружба на сексуална работничка, трансродова жена за да пријави насилство, полицискиот службеник не ни дозволуваше да влеземе во станица и да пријавиме. Скоро шест часа не држеше надвор на дожд со цел да се откажеме и да си одиме. Но мојата храброст и упорност не ми дозволи да премолчам пред овој случај, и за среќа полицаецот беше соодветно санкциониран.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.