„НИЕДНА ПРОСЛАВА НЕ ВРЕДИ ПОВЕЌЕ ОД ЖИВОТ“

News

„НИЕДНА ПРОСЛАВА НЕ ВРЕДИ ЖИВОТ“ – Ангелов со сериозно предупредување пред Нова година

Во пресрет на новогодишните и предновогодишните прослави, кога угостителските објекти се преполни, а се организираат бројни јавни настани, Дирекцијата за заштита и спасување упати силен апел за строго почитување на безбедносните и противпожарните мерки.

Од ДЗС предупредуваат дека непочитувањето на основните прописи директно го загрозува животот и здравјето на посетителите и вработените, особено во услови на зголемена посетеност и користење украсни и електрични инсталации.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, потенцира дека безбедноста мора да биде апсолутен приоритет, без оглед на профитот или бројот на гости.

> „Ниту една прослава, ниту една забава не вреди повеќе од човечкиот живот. Апелираме строго да се почитува дозволениот број посетители, да се обезбеди исправна противпожарна опрема и слободни, проодни излези за евакуација“, изјави Ангелов.

Според него, посебно загрижува практиката на блокирани или заклучени излезни врати, како и користењето пиротехника и отворен пламен во затворени простории, што, како што вели, најчесто води кон трагични последици.

> „Излезите мора да бидат отклучени и постојано проодни. Употребата на пиротехнички средства во затворени простории е строго забранета“, предупредува директорот на ДЗС.

Од институцијата потсетуваат дека секој објект мора да располага со исправна и редовно одржувана противпожарна опрема, а персоналот да биде соодветно обучен за постапување во итни ситуации.

> „Ова не е само законска обврска, туку и морална одговорност. Нашата цел е празниците да поминат во весела, но пред сè безбедна атмосфера“, додава Ангелов.

ДЗС изрази благодарност и до медиумите за нивната улога во подигнување на јавната свест, нагласувајќи дека само со заедничка одговорност може да се спречат несакани инциденти за време на празниците.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *