Mишел: Би сакал да му честитам на Ковачевски за неговата одлука да ги поднесе до Собранието уставните измени

news
Advertisement

Убеден сум и уверен дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ, изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел по синоќешната билатерална средба со премиерот Димитар Ковачевски, што се одржа пред почетокот на Бледскиот стратешки форум.

Advertisement

Мишел оцени дека односите меѓу Северна Македонија и ЕУ се одлични. Притоа тој му честита на премиерот Ковачевски за одлуката за отпочнување на постапката за носењето на уставните измени.

„Северна Македонија и ЕУ имаат одлични односи и тука би сакал да му честитам на премиерот за неговата одлука да ги поднесе до Собранието уставните измени. Убеден сум и уверен дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ, рече претседателот на Европскиот совет.

По средбата со премиерот, Мишел на социјалната мрежа X (Твитер) изрази целосна поддршка на иницијативата за усвојување на уставните амандмани и покрај, како што пишува, многуте политички предизвици. Тој го пофали лидерството и решеноста на Северна Македонија и премиерот Ковачевски да напредува во реформската агенда на ЕУ и да даде конкретни резултати.

На средбата Ковачевски – Мишел, како што информираа од Кабинетот на премиерот, било потенцирано дека посветеноста и поддршката на Европската Унија во процесот на евроинтеграции на Северна Македонија е исклучително важна во дадениот момент, за што е јасно упатена пораката од страна на ЕУ, за важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени, за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјата.

„Двајцата соговорници се согласија дека уставните измени претставуваат единствена и неповтролива шанса за напредокот и просперитетот на Северна Македонија во рамки на ЕУ. Членството на Северна Македонија во ЕУ ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан, а особено во делот на економски развој како на земјата, така и на регионот“, се наведува во информацијата од средбата.

На средбата исто така било потенцирано дека посветеноста и забрзувањето на реформските е клучно за зголемена поддршка од ЕУ во однос на претпристапните средства за земјите од Западен Балкан.

Средбата Ковачевски – Мишел се одржа во рамки на посетата на Република Словенија, каде премиерот учествува на Бледскиот стратешки форум.

На средбата на која присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи Бујар Османи, се разговараше за актуелните политички случувања во Северна Македонија, во фокус на, како што се посочува, успешното отпочнување на процесот на уставните промени во Собранието.

Пред средбата со претседателот на Европскиот совет, премиерот Ковачевски присуствуваше на работна вечера во организација на словенечкиот премиер Роберт Голоб, а денеска тој ќе се обрати на лидерскиот панел на Форумот.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.