ВИДЕО: Клоци и боксови меѓу пратениците. Хаос во Собранието на Република Бугарија
Хаос во бугарското Собрание: Летаа клоци и боксови меѓу пратеници, седницата прекината
Софија – Редовната седница на бугарското Народно собрание денеска беше прекината поради сериозен инцидент и физички судир меѓу пратеници, што се случи пред очите на јавноста и телевизиските камери.
Инцидентот избувна во моментот кога министерот за енергетика во оставка, Жечо Станков, говореше од собраниската говорница и одговараше на пратенички прашања од коалицијата „Продолжуваме промената – Демократска Бугарија“, поврзани со проектот за изградба на седмиот и осмиот блок на нуклеарната централа „Козлодуј“.
Паралелно со дебатата, во пленарната сала изби жестока расправија меѓу Гјунај Далоолу од „ДПС – Ново начало“ и Радостин Василев, лидер на партијата „Морал, единство, чест“ (МЕЧ). Вербалниот конфликт брзо ескалираше во физичка пресметка, при што, според видеоснимките од салата, имало клоцање, туркање и обид за удирање со тупаница.
Освен физичкиот судир, двајцата пратеници разменувале и тешки навреди и закани, што дополнително ја влоши атмосферата и предизвика реакции кај останатите пратеници.
Поради сериозноста на инцидентот и со цел смирување на состојбата, претседателката на парламентот Раја Назарјан беше принудена да прогласи пауза на седницата до 11:00 часот.
Засега нема официјална информација дали ќе бидат преземени дисциплински или правни мерки против инволвираните пратеници, а јавноста очекува дополнителни реакции од парламентарното раководство.
Видео 👇👇👇