Бензините и евродизелот од ноќеска на полноќ поевтинуваат за два денара по литар, а екстра лесното масло за домаќинство се намалува за еден денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката, малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 2,09%.
Според новата одлука, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по 73 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 75 денари, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) по 66,5 денари, а ЕЛ-1 по 65,5 денари за литар.
Намалување има и кај мазутот – малопродажната цена на Мазут М-1 НС се намалува за 0,248 денари по килограм и ќе изнесува 32,635 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на светскиот пазар, во однос на претходната пресметка, бележат пад: кај бензините во просек за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790%, а кај мазутот за 1,013%. Воедно, курсот на денарот во однос на доларот, според кој биле формирани претходните цени, е понизок за 0,1167%.