Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, ќе учествува на утрешната лидерска средба во Клубот на пратениците, потврди вечерва портпаролката на партијата, Арта Биљали Зендели, по состанокот на Генералниот совет на ДУИ во Мала Речица.
Како што информира Биљали Зендели, одлуката за присуство на Ахмети била донесена едногласно од членовите на Генералниот совет.
Таа не откри кои ќе бидат ставовите и барањата на ДУИ на утрешната средба, нагласувајќи дека тоа е исклучиво право на партискиот лидер.
Лидерската средба е иницирана од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и треба да се одржи утре во Скопје. Според најавите, на средбата ќе се разговара за реформските закони во правосудството, изборот на народен правобранител, измените на Изборниот законик, укинувањето на техничката влада, како и за други прашања што ќе ги предложат учесниците.
Учество на средбата потврди и партијата Левица, додека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го одби повикот, обвинувајќи дека иницијативата има за цел создавање алиби за распишување предвремени избори.
Од коалициските партнери во Владата се очекува присуство на претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, како и на лидерот на „Вреди“ и градоначалник на Тетово, Биљал Касами. Поддршка за одржување на лидерската средба изразија и ЛДП и ДОМ.