„И јас имам моменти кога сакам да се повлечам и да се изнаплачам од целиот притисок кој го создава животот“: Бојана Скендеровски за „Женски магазин“

„И јас имам моменти кога сакам да се повлечам и да се изнаплачам од целиот притисок кој го создава животот“: Бојана Скендеровски за „Женски магазин“

news
Advertisement

„И јас имам моменти кога сакам да се повлечам и да се изнаплачам од целиот притисок кој го создава животот“: Бојана Скендеровски за „Женски магазин“

Advertisement

Јавноста ја доживува како жена која има своја професија, свој став, изразен карактер и која не прави компромиси пред сѐ кога е во прашање музиката. 

Една од ретките јавни личности која работи на унапредување на заедницата и со својот стил на живот и ставовите кои ги презентира во јавноста го поттикнува поткревањето на јавната свест за многу прашања. 

Семејна жена, која семејните вредности ги живее во прво лице еднина, но и дава позитивен пример во општествената слика. Бојана Скендеровски има авторски и личен печат на музиката која ја изведува. Од македонски изворни песни, до поп музика, публиката во еден глас ги пее песните заедно со неа. 

Фото извор: Приватна архива – Бојана Скендеровски

Присутна е на голем број јавни настани и пријателите ја опишуваат како личност со опуштена и весела природа. Но во нејзиното секојдневие, листата на задачи и обврски е преширока и поделена на неколку сегменти. Од едната страна приватниот и семејниот живот во кој Скендеровски претендира да биде максимално присутна, од друга страна професионалните ангажмани и личните борби кои ги води за поубаво општество каде ќе се ценат и истакнат општите етички начела и морални вредности. 

-Па тоа е еден интересен ролекостер на кој се возам со полна пареа затоа што така одбрав, и така сакам да живеам…Моето семејство е мојата база, но мојата професија е мојот личен идентитет и се трудам никогаш да не трпи ни едното ни другото, на моменти е исцрпувачки но, секогаш кратам на времето за одмор за да постигнам на двете места, вели Бојана Скендеровски за „Женски магазин“.

Во таа секојдневна трка со времето и обврските кои ги има, вели дека ретко има време за себе. Обично го посветува на третмани за разубавување и гледање на серии на Нетфликс, тоа е целото време што го има за себе. 

-Времето за себе се сведува на редовните третмани за разубавување 4 пати во месецот и гледање добра серија на Нетфликс…Tолку, вели таа. 

Во својот сопруг гледа своја најголема животна мотивација, а нејзината мајка и сестра се силата која ѝ недостига во важни и исцрпувачки животни моменти. На прашањето кој ѝ е најголема животна мотивација вели:

-Мојот сопруг, кој секогаш гледа на светлата страна на животот, но тука се и мојата мајка и сестра… 

Како жена исправена е пред многу предизвици, од оние кои ѝ ги наметнуваат семејните улоги, до професионализмот. Вели секоја жена на денешницата се бори со голем број предизвици, но освен што општествениот притисок си го прави своето и самите жени си создаваат непотребен притисок сакајќи да докажат дека сепак можат да бидат еднакво вредни, дури и кога тоа не се доведува во прашање. 

-Од нас како жени се очекува баш сѐ, да сме добри мајки, домаќинки, сопруги и реализирани во својата професија…Mожеби понекогаш самите си поставуваме многу високи цели и критериуми па се трудиме да бидеме совршени насекаде, па оттука и понекогаш си создаваме непотребен притисок, но сметам дека сме способни за сите нешта затоа што сме сепак жени. 

И покрај тоа што ја знаеме како врвен музичар и професионалец, јавноста ја препознава и како семејна жена на која семејството ѝ е приритет. Во менаџирањето на секојдневните обврски, создала мал ритуал со кој ја одржува семејната кохезија, а тој изгледа вака:

-Се трудам да имаме еден заеднички оброк на кој сме сите заеднo и да разговараме кој како си го поминал денот.

Скендеровски се појавува на јавни кампањи, своите јавни настапи ги користи ѝ да испрати важни пораки кои се однесуваат на подигање на јавната свест за важни прашања во контекстот на заедницата. 

Од таа причина и јавноста на неа гледа како жена со недвосмислен и храбар став поради што ја стекнува ѝ довербата на својата публика. За неа јавните настапи и нејзината професија не се само работа која ја работиш за надомест, туку и одговорност и должност каков пример даваш.

-Се разбира дека чуствувам одговорност и сакам да сум пример…Сакам да бидам инспирација затоа што и јас ги делам истите предизвици како и останатите и јас се трудам да бидам добра мајка, сопруга и професионалец и јас имам моменти кога сакам да се повлечам и да се изнаплачам од целиот притисок кој го создава животот но и да викам на целиот глас кога Искра ќе ја напише сама домашната, а Ѓорѓи ќе ми каже: „Мамо ти си убава”. 

Публиката често ја слуша и како изведува изворна македонска музика и тоа го прави со многу љубов. Родољубието несомнено е една од карактеристиките кои се врзуваат со нејзиното име. Иако е една од ретките која се бори со ветерници да ја работи својата работа во Македонија каде условите се неатрактивни, вели дека засега не размислува да ја напушти државата и да се обиде кариерата да ја гради надвор. 

-Можеби кога децата ќе пораснат ќе пробам да ја проширам својата кариера…Не знам дали би можела некогаш да се иселам од Македонија, тука ми е сѐ буквално…Но, да имам соработки надвор од границите се разбира дека е можно. 

Дека човек учи додека е жив и дека само учењето е вистинскиот пат на личното унапредување го докажува и со својот пример. На зрели години, кога сите мислиме дека остварила сѐ  што може во животот да се оствари, Бојана ни откри дека сѐ  уште работи на професионално свое унапредување. 

-Земам часови по пијано со професорка која работи само со мене…И на 41 година решив да си ја исполнам таа дамнешна желба, вели Бојана за „Женски магазин“

На прашањето дали се чувствува како современа жена, како што изгледа на сцена или како конзервативна бидејќи јавноста ја перцепира како семејна жена, таа вели дека овие животни избори воопшто не треба да бидат во спрега.

-Конзервативна сум по прашањето семејство…Сметам дека создавањето семејство е клучната поента во животот, тоа е и основата на продолжување на човечкиот род…Но, сум современа околу поделбата на машки и женски професии и слично…Сметам дека современата жена може да биде и мајка, сопруга и лидер во општеството,сѐ разбира ако за тоа има подршка од околината. 

Нејзина омилена песна која таа ја испеала.

-Мојата омилена песна која сум ја испеала е „Кон небото” која има мој текст, и моја добра другарка побара од мене да ја напишам за нејзиното момче кое многу млад почина…Во 2006 година.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов

Advertisement