Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по завршувањето на лидерската средба изјави дека сите присутни лидери се согласиле дека техничката (Пржинска) влада „треба да замине во минатото“.
Според Мицкоски, на средбата имало и предлог од еден од учесниците за дополнителни консултации со меѓународната заедница, но генералниот став е дека Македонија треба сама да носи одлуки и да се откаже од обврската за техничка влада.
Мицкоски објасни дека законот за укинување на техничката влада може да се промени со обично мнозинство во парламентот (61 глас), но дека тој лично предлага прво да се постигне консензус меѓу партиите. Доколку нема согласност за укинување пред следните избори, предлогот е таа да се укине по следните редовни парламентарни избори.
Премиерот истакна дека прифаќа и таков компромис: ако најмалку една партија инсистира техничката влада да остане за следните избори, тогаш промените да важат за изборите што ќе следуваат по тоа.
На новинарско прашање, Мицкоски рече дека на средбата не била отворена тема за предвремени парламентарни избори.
ВИДЕО: