Петар Муличкоски, еден од великаните на македонската архитектура, почина денеска на 93 години. Тој беше автор на оригиналната зграда на Владата, изградена во 1970, а без негова согласност, во 2011 владата на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски ја смени фасадата во барок за што потроши 22 милиони евра. Муличковски е автор и на објекти кои се трајно обележје на македонската современа архитектура – Народна и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ од 1971, Спомен-костурницата во Кавадарци од 1974, Стопанска банка во Скопје од 1974 и многу други.
Петар Муличкоски е роден 1929-та година во Прилеп, од 1949 до 1957 студира архитектура на Техничкиот факултет во Љубљана. Во 1959 е избран за редовен асистент на Техничкиот факултет во Скопје, а во 1967 за доцент и во 1978 за редовен професор на истиот факултет.
„Посебна преокупација на архитектот Муличкоски претставува архитектонското проектирање во кое внесува нови сознанија како резултат на сестрани истражувања: историски,психолошки, ликовни… Така во делата на Муличкоски покрај сеопфатната градежно-техничка дисциплина , надоградена е уште една креативна снага – уметничката компонента. Оваа особеност е карактеристична за неговите реализирани објекти, користејќи го природниоткарактер на градежните материјали: бетон, стакло, метал, дрво и тула, видливи со својата природна структура, текстура и боја. Карактеристика во делата на Муличкоски е и забележителната интелектуална поврзаност со традицијата и градитеското културно наследство, со очигледен истражувачки напор на авторот како предизвик во барањето оригинални решенија со трајни вредности“, се вели во неговата биографија на сајтот Македонска архитектура (МАРХ).
Во 1960-те престојувал во САД во светски архитектонски бироа и во студиото на Френк Лојд Рајт во Аризона, во школата на Мис Ван дер Рое во Чикаго и во студиото на Чарлс Имс во Чикаго. Имал стручни престои и во во Шведска, Данска, Швајцарија, Италија и Грција.
„Нема сомнение дека современите светски тенденции во архитектурата извршиле влијание врз творештвото на Петар Муличкоски. Во неговите дела посебно е забележителна функционалноста и специфичноста на конструкциите, и објектите поседуваат чист и јасен архитектонски израз на конструктивизмот и новиот брутализам, едниот направен од метал, бетон и стакло со ‘ѕидна завеса'(Владата) и другиот во натур-бетон, оригинален претставник на новиот брутализам (Спомен-костурница во Кавадарци)“, велат од МАРХ./sdk.mk/