Уловени на дело: рибокрадци фатени со над 100 килограми нелегален улов!

News

Двајца жители на охридското село Пештани се приведени поради нелегален лов на риба во водите на Охридското Езеро, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Случајот е регистриран на 9 јануари 2026 година околу 19:30 часот, кога полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, при спроведување засилени контроли во период на забрана за риболов, затекнале чамец со две лица на околу 100 метри од брегот кај Пештани.

При преглед на пловниот објект, во координација со рибочуварската служба, биле пронајдени шест рибарски мрежи со вкупна должина од околу 720 метри, во кои имало 585 парчиња риба белвица со вкупна тежина од 106,8 килограми.

По консултација со јавен обвинител, лицата се лишени од слобода и спроведени во Полициската станица за понатамошна постапка, а чамецот и пронајдените предмети се одземени.

По извршена проценка од стручни лица од Хидробиолошкиот завод – Охрид, било утврдено дека рибата е во фаза на расипување. По насоки на Агенцијата за храна и ветеринарство, уловот е предаден на Здружението на ловци – Охрид и уништен на соодветна локација во присуство на полицијата.

Од надлежните институции најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период со цел заштита на рибниот фонд и природните богатства на езерото.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *