Тања Џамбазова за средбата со Џејн Гудал: „Никогаш не е предоцна, драга моја“
По повод смртта на светски познатата екологистка и водечка експертка за шимпанза, д-р Џејн Гудал, сестрата на актерот Игор Џамбазов, Тања Џамбазова, се сеќава на средбата која ја имала со славната Џејн. Средбата се случила по еден од инспиративните говори на Гудал, чија животна мисија остави длабоки траги во научната заедница и пошироката јавност.
На својот профил, Џамбазова објави фотографија од Гудал, придружена со емотивна порака:
„Имав можност за кратка размена на мислења со Џејн Гудал во 2019 година, по еден од нејзините инспиративни говори… Ѝ кажав дека целиот мој живот не сакав ништо друго освен да го правам она што го прави таа, за жал, избрав друг пат… таа ме погледна и едноставно рече: ‘Никогаш не е предоцна, драга моја…’ Драга Џејн, ти инспирираш не само преку длабокото добро што си го донела на светот, туку и преку твојата извонредна упорност наспроти сите пречки. Каков живот вреден за живеење.“
Џејн Гудал почина на 91-годишна возраст за време на нејзина турнеја во Калифорнија. Како што соопшти Институтот „Jane Goodall“, таа починала од природна смрт. Остави зад себе син и внуци, како и огромно научно и хуманистичко наследство.
Живот посветен на природата
Д-р Гудал беше најистакната светска експертка и неуморен заговорник на шимпанза, а нејзиното пионерско истражување во Националниот парк Гомбе Стрим, Танзанија, целосно го промени научниот поглед кон животните. Таа прва документираше дека шимпанзата користат алатки, демонстрираат емоции и имаат комплексен социјален живот – откритија што го нарушија дотогаш прифатениот став дека човекот е „единствениот разумен“ вид.
„Научивме колку шимпанзата се слични на нас, што ја смени перцепцијата за науката. Ми беше кажано дека постои непремостлива бездна меѓу луѓето и животните. Но таа бездна се покажа како илузија,“ изјави Гудал во едно интервју за People во 2020 година.
Покрај својата научна работа, Гудал беше и неуморен активист за заштита на животната средина, правата на животните и одржлив развој. Таа беше основач на глобалното движење „Roots & Shoots“, кое ги охрабрува младите да преземат иницијативи за позитивна промена во своите заедници.
Никогаш не е предоцна
За многумина, Џејн Гудал не беше само научничка, туку симбол на надеж, истрајност и тивка револуција во односот човек–природа. Низ нејзините зборови, дела и животна филозофија, инспирираше генерации.
РЖМ – Г.Д.Г
Фото: Инстаграм