Американската амбасадорка Анџела Агелер порача дека без разлика дали пристапните преговори со ЕУ ќе започнат или не, обврските на државата се јасно дефинирани и реформите мора да продолжат. Гостувајќи во „Тема на денот“ на ТВ Сител, таа истакна дека „патоказот постои“ и дека очекува повеќе конкретен напредок.
Агелер нагласи дека разговорите за членство не смеат да бидат изговор за застој, бидејќи реформите во владеењето на правото, економијата и институциите се неопходни сами по себе. Според неа, местото на Северна Македонија е во Европа и тоа е јасен став на САД.
Таа додаде дека политичките случувања кај соседите не треба да го блокираат процесот, бидејќи евроинтеграцијата е во интерес на сите, вклучително и на регионот. Агелер порача дека САД ќе останат силен поддржувач и сојузник на државата, внимателно следејќи ги чекорите на Владата и очекувајќи резултати што ги бараат и граѓаните.