Во текот на синоќешната полициска акција во Сараево, двајца мажи, Ф.П. (1998) и А.Х. (2001), беа уапсени поради сомнение за обид за убиство во населбата Кобиља Глава.
Според полицијата, во ноќта кон недела, околу 00:35 часот, од автомобил во движење биле испукани куршуми кон В.Д., кој исто така се наоѓал во возило. За среќа, тој не бил повреден.
Оперативната акција ја спроведе Управата на полицијата на МВР на Кантонот Сараево, под надзор на надлежното обвинителство. При претрес на возилото и станбените простории што ги користеле осомничените на подрачјето на Стари Град, полицијата пронајде цел арсенал оружје и дрога.
Биле одземени една автоматска пушка, еден пиштол, два детонатори, поголема количина муниција, како и ПВЦ пакувања со материи што асоцираат на хероин, кокаин и марихуана. Пронајдени биле и дробилки, дигитална вага и други предмети значајни за истрагата.
Против Ф.П. ќе биде поднесена пријава за обид за убиство, оштетување на туѓ имот, недозволено држење оружје и експлозивни материи, како и за неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги.
А.Х. се товари за обид за убиство, оштетување на туѓ имот и незаконско држење и носење оружје и муниција, согласно законите на Кантонот Сараево.
Осомничените се задржани на криминалистичка обработка, по што ќе бидат предадени на надлежното Кантонално обвинителство за понатамошна постапка.